Според таен извештај на бугарската дипломатија
Пишува: Блаже Миневски
„Тодор Живков седна спроти Лазар Колишевски. Уште во првиот момент се почувствува напнатост во атмосферата, па Живков, за да ја растера напнатоста, шеговито праша дали ќе разговараме на македонски јазик. Врз лицето на Колишевски се забележа ситна сенка на кисела насмевка, која веднаш потоа неговото лице го направи уште построго. Живков продолжи со изразување сочувство, а потоа спомна дека Тито бил ’близок другар’ со Георги Димитров, додавајќи дека ’ќе направи сѐ што е можно да се прошират нашите заемни односи за доброто на нашите народи и делото на социјализмот’.“
Во одговор на тоа Колишевски рече дека југословенското раководство решително ќе ја продолжи политиката на Тито, ќе ги развива односите со Бугарија, иако понекогаш е полесно да се разбереш со подалечните земји отколку со соседите. Од југословенска страна, продолжи тој, ќе биде прифатена секоја бугарска иницијатива за отворање ’нова страница’ во бугарско-југословенските односи“, пишува Рајко Николов, кој четириесет години поминал во Министерството за надворешни работи на Бугарија, а од 1978 до 1982 година бил амбасадор во Белград. Својата кариера ја започнал како секретар, а потоа како советник работел во амбасадите на Бугарија во Париз, Вашингтон и во Прага. Подоцна својата кариера за продолжил како амбасадор во Кувајт, постојан претставник во службата на ООН и меѓународните организации во Женева, амбасадор во Италија и амбасадор во Југославија.
Треперењето на усните ја издава неговата омраза кон Бугарија
„Во секој случај, воопшто не беше тешко – продолжува амбасадорот Николов во белешката од осми мај 1980 година – да се сфати пораката на Колишевски дека ’нова страница’ во односите би можело да има само ако го признаеме македонското малцинство кај нас. Живков се направи дека не разбрал што значи тоа ’нова страница’, па рече дека треба да го заборавиме лошото меѓу нас, зборувајќи за можностите за продлабочување на соработката во областа на економијата, трговијата и друго, оставајќи Колишевски да го продолжи разговорот во таа насока. Но, наместо Колишевски, збор зеде Јосип Врховец, и распалено, без заобиколување, се пушти во критика и негативни процени за политиката на Бугарија. Кога Врховец замолча, Колишевски се зафати да го дополнува, припишувајќи ѝ на Бугарија ’санстефански амбиции’ и територијални претензии кон Македонија, обвинувајќи го нашето раководство за спроведување на истата политика кон Југославија како таа на бугарската буржоазија. Вибрациите на гласот и афектиранато потреперување на усните ја издаваа неговата омраза кон Бугарија. Таа негова тирада го јадоса Живков. И тој со повишен тон ги запраша своите југословенски собеседници дали ќе одиме кон натамошна конфронтација во односите меѓу двете држави или ќе се обидеме да ги подобриме. Што се однесува до македонското прашање, тој рече дека секој во Југославија и во Бугарија може да се изјаснува како што сака: ’Ние ја признаваме Македонија и никогаш нема да го оспориме интегритетот на Југославија. Сакаме да се стави крај на конфронтацијата. Јас 25 години сум на чело на партијата и на државата, и одговорно изјавувам дека тоа што вие сакате да се случи нема да се случи. Ако јас изјавам дека во Благоевградскиот округ постои македонско малцинство, веднаш ќе бидам сменет…’ Потоа се сврти кон Врховец: ’Што толку полошо ви направивме од Грција? Вие тврдите дека таму постои македонско малцинство, а таа, Грција, исто како Бугарија, не го признава тоа. Вие ја обвинувате Грција, но не ја напаѓате како нас’. Во секој случај, Живков ги прекори своите соговорници што токму на денот на погребот на Тито избраа да се расправа за спорните теми меѓу двете држави“, запишал тогашниот бугарски амбасадор во Белград, додавајќи дека потоа резервирано се поздравиле со Колишевски и Драгосавац и тивко, по долгите ходници и скали, заминале од палатата на Федерацијата: „Врховец нѐ придружуваше до автомобилите, не толку од учтивост туку за да го продолжи разговорот со Живков. Од палатата на Федерацијата тргнавме право кон аеродромот, а таму, за испраќање, веќе чекаа Влашкалиќ и Фадил Хоџа. Специјалниот авион со Живков и придружниците летна за Софија, а мене ми олесна.“
Според бугарскиот амбасадор, во Белград оваа средба се случила на осми мај 1980, три часа по погребот на Тито на Дедиње. Бугарскиот претседател Тодор Живков, кој првично не сакал да дојде во Белград, но следниот ден морал да го послуша Брежнев и да ја смени одлуката, пристигнал во кабинетот на Лазар Колишевски, вршител на должноста претседател на Претседателството на Југославија, точно во 19 часот. Во записот стои дека станувало збор за кратка протоколарна посета кај личноста „што на неколку дена ја претставуваше 22-милионската Југославија како нејзин претседател“. Амбасадорот Николов забележал дека Живков не требало да се задржи повеќе од десет-петнаесет, најмногу дваесет минути, односно претседателот на Бугарија лично немал намера да му одзема повеќе време на Колишевски, тврди Николов, додавајќи дека сепак однапред не се исклучувала можноста „меѓу нив двајцата да се отвори подолг и жесток разговор, имајќи предвид со кого треба да се сретне Живков “.
Во кабинетот на Колишевски во палатата на Федерацијата од југословенското раководство биле уште и Душан Драгосавац, секретар на Претседателството на ЦК СКЈ, и Јосип Врховец, сојузен секретар за надворешни работи, а малку подоцна дошол и Тихомир Влашкалиќ, претседател на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија: „Сите четворица имаа уморен изглед, но најистоштено изгледаше црномурниот Колишевски, со својата побелена глава, со набрчканото и намуртено лице, со подуените подочници и студениот поглед. Сите четворица наследници на Тито, како што вели Николов, се ракуваа со нас строго официјално и нѐ поканија да седнеме еден спроти друг.“
Благој Попов беше човек со кој можеш да се разбереш!
Во белешките на бугарскиот амбасадор стои дека две години пред погребот на Тито и кавгата на Колишевски и Живков за Македонија, во септември 1978 година, поточно од 25 до 28 септември, протоколот на Сојузниот секретаријат за надворешни работи на Југославија организирал четиридневна посета на Македонија на акредитираните амбасадори во Белград: „Патувавме со специјалниот воз на Тито, сместени во комфорни вагони, средени во стил од почетокот на векот, во големи кадифени купеа. Бевме околу сто и десет лица – 55 амбасадори со сопругите. Грчкиот колега не ја прифати поканата и најдемонстративно ја бојкотираше таа иницијатива на ССНР. Растојанието од Белград до Скопје го поминавме неосетно, во пријатни разговори и весело расположение, престојувајќи поголем дел од времето во вагон-ресторанот, каде што ни сервираа пијалаци по желба. Скопското раководство се беше потрудило да се справи добро со улогата на домаќин и со задачата да ги убеди странците дека луѓето во Македонија се чувствуваат среќно во Титова Југославија.“
Во Скопје, пишува Николов, на средбата со Благој Попов, претседател на Извршниот совет на Народното собрание, забележав дека тој говори умерено за развојот на Македонија во различни области, а се покажа и доста тактичен, па не говореше за борбите на ’македонскиот народ’ ниту за ’македонските национални малцинства’ во Бугарија и во Грција. Патем спомна само дека поради ’историски причини многу Македонци живеат во туѓина и во соседните земји’. Ништо повеќе. Средбата ќе поминеше сосема ’дипломатски’ ако не се обратеше амбасадорот на Перу. Кога Благој Попов го заврши експозето, Перуанецот внесе живост во салата, прашувајќи дали постои ’македонска нација’, бидејќи, како што рече, слушнал разни мислења по тоа прашање. За миг Попов се почувствува збунето, но брзо се созеде и се обиде да се извлече од неудобната состојба, велејќи дека секој од амбасадорите откако ќе се запознае на самото место со минатото и сегашноста на Македонија, сам ќе може да донесе заклучок. Истата тактичност очигледно не му беше препорачана на придружникот на екскурзијата низ градот, кој при разгледувањето на знаменитостите на Скопје не заборави многупати да го спомне ’дејствувањето на туѓите окупатори’ за време на Втората светска војна, фалејќи го Георги Димитров за тоа што му ги вратил на ’македонскиот народ’ моштите на Гоце Делчев за да бидат погребани во родната земја.
По неколку месеци, истата таа 1978 година, амбасадорот Рајко Николов повторно е во Македонија, неговата најсензитивна амбасадорска дестинација. Имено, од 13 до 19 декември доаѓа во таканаречена ’протоколарна посета’, патувајќи со автомобил до Скопје: „Ги сакам патувањата со автомобил во сите сезони, но додека патувавме во автомобилот чувме на радио како Лазар Колишевски по повод годишнината од формирањето на некој партизански одред, без да штеди епитети за ’бугарските окупатори’, говореше за бугарската фашистичка окупација на Македонија за време на Втората светска војна. Во белешките за следната 1979 година доминираат проблемите околу прашањето за бугарската ’окупацијата на Македонија’, прашањата за ’македонската нација’ и ’македонското малцинство во Пиринска Македонија’. Притоа од тонот може да се види дека станува збор за амбасадор со радикално националистички ставови, кој не прифаќа никакво друго мислење во однос на овие и слични прашања, а политиката на Тодор Живков, за разлика од политиката што ја води југословенската влада, за него е светска, лидерска и визионерска. Впрочем, поради ваквите негови ставови тој е единствен амбасадор што на крајот од својата мисија во Белград не го добива вообичаениот медал за заслуги во подобрувањето на односите меѓу земјата што ја претставува и Југославија. Во белешките може да се прочита за затегнатоста на односите меѓу Југославија и Бугарија во врска со правата на македонското малцинство во Бугарија, за проблемите околу посетата на новиот сојузен министер за надворешни работи Јосип Врховец на Софија, како и за реакциите од посетата на Тито на СССР и разговорите со Брежнев. Во контекст на неговиот антимакедонски дипломатски поглед на Македонија и македонскиот народ, Рајко Николов, амбасадор на Бугарија во Југославија, во белешката од 5 јули 1979 година бележи: „Има сигнали дека екстремистите во Македонија не се многу задоволни од ’помирувачкиот однос’ на Милош Миниќ на средбата со Кубадински, плашејќи се да не ги загубат позициите во Скопје и во Белград во полза на приврзаниците на една поумерена политика кон Бугарија. Со тоа се објаснува фактот што вчера на собирот на југословенските резервни офицери во Прилеп, Лазар Мојсов, член на Претседателството на ЦК на СКМ, одржа ’борбен говор’ против нашата земја. Ваквиот настап е во спротивност со разговорите Кубадински – Миниќ и заемно изразената желба за подобра атмосфера во односите…“
И на крајот, повторно да се вратиме на настаните поврзани со смртта на Тито. Во белешката од 4 мај 1980 година бугарскиот амбасадор пишува дека Тодор Живков тешко може да му прости на Тито што се однесувал со непочитување кон него и не го прифатил многукратното инсистирање за средба меѓу нив двајцата: „Сега, кога Тито е мртов, Тодор Живков изгледа не гори од желба да дојде да се поклони пред неговите мошти, си реков. Мислам дека тој всушност никогаш не негувал симпатии кон починатиот југословенски претседател, но длабоко во себе сепак го почитуваше поради големата популарност во светот…“ Два дена подоцна, во белешката од 6 мај 1980 година, повторно ја истакнува наводната ’решеност’ на Живков да не доаѓа на погребот во Белград: „Првично ние ги известивме Југословените дека премиерот Станко Тодоров ќе присуствува на погребот на Тито. Во меѓувреме стана извесно дека Брежнев и раководителите на европските социјалистички земји, како и претседателите и премиерите на многу западни земји, и други држави ќе дојдат да му оддадат последна почит на починатиот југословенски претседател.
Во таква ситуација отсуството од погребот на претседателот на соседна Бугарија би шокирала мнозина (Белград е на помалку од 400 километри до Софија), па затоа се реши тој да го следи примерот на другите претседатели и држави…“ И, се разбира, следниот ден Тодор Живков, знаејќи дека бескрајно ќе го налути ’големиот брат’, како попче се нацртал во Белград, па дури и се запишал во книгата на жалоста. Според белешката на амбасадорот Рајко Николов, бугарскиот лидер со повредена суета го запишал следново: ’Другарот Тито беше на чело на партијата на југословенските комунисти повеќе од 40 години и има големи заслуги во успехот на Народноослободителната борба на југословенските народи против фашизмот и капитализмот, во изградбата на современа социјалистичка Југославија…’ Во продолжение на белешката на амбасадорот пишува: „Потоа од палатата на федерацијата отидовме во Собранието на СФРЈ да се поклониме пред саркофагот со телото на Тито. Траурната музика тивко жубореше низ салата. Тука Живков положи венец со црвена лента на која пишуваше ’На Јосип Броз-Тито од Тодор Живков’.
Со тоа официјалните протоколарни задолженија за тој ден завршија и Живков се врати во ’Интерконтинентал’.“ По утринското кафе следниот ден, амбасадорот ќе запише: „Добро наспан, одморен, Живков беше бодро расположен, но сепак посака да седне во еден агол од фоајето на Сојузното собрание. Додека течеше почесната процесија тој ме распрашуваше за Југославија и за некои нејзини раководители.
Подоцна, по погребот, во својот апартман во ’Интерконтинентал’, околу 17.30 часот, го прими претседателот на Малта, кој го замоли за помош кај Брежнев за гаранции од двете суперсили – СССР и САД – во врска со независноста и неутралноста на Малта. По разговорот со претседателот на Малта, тргнавме со автомобилите кон палатата на Федерацијата, каде што во 19 часот Лазар Колишевски требаше да го прими заедно со делегацијата. Пристигнавме малку порано од определеното време и додека чекавме, седејќи во приемната за да нѐ повикаат, Живков, обраќајќи се кон Тихомир Влашкалиќ, шеговито дофрли: ’Другар Влашкалиќ, ние возрасните веќе ја губиме власта, младите доаѓаат!’ Младенов се почувствува должен да негира: ’Не е точно, другар Живков, вие ја држите состојбата со власта здраво во рацете’. Потоа Тодор Живков, придружуван од нас, беше воведен во кабинетот на Лазар Колишевски“, пишува во дневникот на Рајко Николов.
Во однос на македонското прашање
Бугарија има исти позиции со Грција!
Според белешката од 30 ноември 1980 година, бугарскиот амбасадор во Белград, по наредба на својот министер за надворешни работи Младенов, го информирал грчкиот амбасадор во Белград, Макрис, за тоа како протекла официјалната посета на Јосип Врховец на Софија: „Му кажав дека позициите што Младенов ги застапувал во однос на македонското прашање одат во полза на Грција: Југославија може да се интересира за положбата на своите малцинства во други земји, каде што се признаени, и никој не го оспорува тоа, но претходно треба да бидат признаени како малцинства. Притоа, овој пат, Макрис ми соопшти нешто повеќе за неодамнешната средба на грчкиот претседател Караманлис со југословенскиот претседател Мијатовиќ во Белград. Во разговорите во четири очи, Караманлис му кажал на Мијатовиќ дека има три начини за решавање на спорното прашање со македонското малцинство во Егејска Македонија: Со војна, што е апсурдно; со преговори за постигнување договор, што претпоставува признавање на македонското малцинство и со ’замрзнување’ на прашањето, ставањето во замрзнувач или, со други зборови, негово исклучување и исчезнување од односите меѓу двете земји. Единствено можна била третата варијанта. Караманлис го предупредил Мијатовиќ дека поведувањето на тоа прашање од страна на Југославија создава компликации во односите, а истовремено претставува и закана за безбедноста на Балканот“, запишал амбасадорот на Бугарија во Белград, додавајќи дека ’така по грчки се преговара со Југославија’.