Во Домот на културата во Општина Кисела Вода се одржа комеморација по повод трагичната смрт на поранешната градоначалничка на Општината, Билјана Беличанец.
– Со тага и неверување ја примив веста за смртта на мојата претходничка, поранешната градоначалничка на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец. Нема зборови со кои може да ги утешиме најблиските, посебно кога личноста што замина имаше само 45 години, зрачеше со елан, и од неа се очекуваше уште многу. Кога зборувам за Билјана Беличанец, зборувам за маркантна и уникатна личност, со која иако доаѓаме од различна политичка провиненција, секогаш сме имале коректен однос полн со заемна почит. Кога зборувам за неа, мислам на професионалец, мислам на градоначалник – визионер, со визија за урбана и модерна општина Кисела Вода, општина центар на културните збиднувања, мислам на актерка која често со задоволство сум одел да ја гледам во театарот. И не случајно ја избравме оваа локација за нејзината комеморација. Таа го сакаше театарот, таа ја сакаше Кисела Вода. Прерано беше за збогување, г-ѓа Беличанец! Од мене, бескрајна почит и вечна слава!- кажа во своето обраќање градоначалникот Филип Темелковски.
За ликот и делото на Билјана Беличанец говореа и нејзините колеги актерите Дејан Лилиќ и Весна Петрушевска.
-Биле за тебе никогаш повеќе во животот нема да зборуваме во минато за тебе секогаш ќе зборуваме во сегашност затоа што ти ќе бидеш секогаш овде и овде кај нас. Билјана, ние немаме друга Билјана Беличанец ти си една и единствена и таква и ќе останеш забележана во меморијата на сите нас затоа што си голем човек, чесен човек, искрен работник кој не бара ни пари, ни слава, ни награди, туку сака да го работи тоа што го работи. Четири години беше во оваа општина и знам дека многу направи за неа знам дека направи многу за македонскиот театар и затоа никогаш нема да те заборавиме и младите генерации ќе учат од тебе како е да се биде вистински професионалец на сцена- рече Дејан Лилиќ.
Петрушевска посочи дека ќе ја памети како ведра, видра, многу вредна, која многу сакаше да учи, да пее, да зборува ноќе на телефон.
– Зборовите денеска ќе поминат ние ќе го изразиме нашето сочуство, но има една работа која што треба сите да ја запаметиме колку почесто ја спомнуваме толку повеќе ќе живее Билјана во овој свет. Билјана беше храбар човек, Билјана беше достоинствен човек, Билјана беше човек. Бог да ја прости вечна и слава и да го негуваме споменот за неа- истакна Петрушевска.
Поранешниот претседател на Советот на Општина Кисела Вода Трајче Донев потсети дека токму ова место каде се одржува комеморацијата е дело на Беличанец, нејзино творештво кое го изгради и поткрена, како и безброј други дела кои, како што рече, успеа да ги реализира затоа што беше голем борец, искрен пријател, добар соработник, најголем другар.
На комеморацијата беа прочитани и телеграмите со сочувство од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот и Зоран Заев.
Билјана Беличанец беше позната македонска актерка и градоначалник на Општина Кисела Вода од 2013 до 2017 година.