Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во македонското средно стручно образование речиси две децении нема учебници по мноштво стручни предмети. И тоа учебници нема не затоа што се потрошиле или некој не ги вратил, туку бидејќи воопшто и не се напишани. Какво знаење ќе стекнат овие деца кога немаат книги од кои ќе учат. Во меѓувреме сите досегашни анализи покажуваат дека на македонското стопанство и економија им требаат токму добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои потоа брзо ќе можат да се вклопат во производствените и технолошките процеси. Но можно ли е тоа без книги, како првичен и основен алат во нивната наобразба и насочување по завршувањето на основното образование. Истражувањето на „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе понуди одговори на сите овие прашања

ИСТРАЖУВАЊЕ: ИМА ЛИ СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ СТРУЧНА ЛИТЕРАТУРА (3)

Доколку остане досегашната практика да се функционира без никакви основни учебници, тогаш се поставува и дилемата кои се воспитниот, образовниот па и моралниот кредибилитет на просветните власти и работници да ги казнуваат учениците со пониски оценки кога самите тие со ништо не придонеле да се подобри тоа ниту, пак, им овозможиле пристап до квалитетни наставни помагала

Излезни решенија има само треба да се спроведат. Можеби претстојниот зимски распуст и полугодието се и најсоодветниот момент за такво нешто, во кој има доволно простор да се почне со решавање на проблемот. За доброто на сите и, пред сѐ, за доброто на учениците како иднина на државата

Нашиот весник во серија написи го анализира проблемот со сериозниот недостиг од учебници по мноштво предмети во средното стручно образование. Недостигот од учебници драматично го нарушува образовниот процес, но, секако, најмногу се одразува на учениците. Тоа е констатацијата на сите наши соговорници со кои контактиравме во текот на истражувањето од професори, директори, раководни лица при Министерството за образование, невладини организации па до издавачи и претставници во советите на родители.

Сите тие се согласни дека проблемот што постои скоро две децении треба и мора да се реши и тоа што поскоро. Беа посочени различни приоди и видувања со кои се образложува како може да се направи тоа. Сепак, по нашите многубројни контакти и разговори со упатените во оваа проблематика и врз основа и на споредбени показатели за применливи и успешни практики во други земји, се обидовме да извлечеме неколку есенцијални заклучоци како да се надмине проблемот.

Истражувањето покажа дека има повеќе опции што можат да бидат решенија.
Едно од решенијата се измени на Законот за учебници, во насока на тоа, авторските права да се вратат на издавачките куќи. Тие би се грижеле за целиот процес за изработка на учебник, а не министерството, како што е сега. Издавачите би ги договарале и хонорарите за авторите, нешто што сега е проблем бидејќи висината на сумата што ја нуди државата е демотивирачка (во просек околу 2.000 евра), што е причина речиси никој да не се пријавува на огласите за изработка на ракописи. Токму овој приод го сметаат за најсоодветен во Педагошката служба при Министерството за образование и наука.

– Измените ќе се однесуваат на тоа Министерството за образование и наука да не ја игра повеќе улогата на издавач, да не ги има авторските права. Мислам дека на тој начин ќе почнат да се решаваат многу работи. Идејата е да им се вратат авторските права на издавачките куќи, како што беше во минатото. Нивна ќе биде обврската да избираат автори што ќе изработуваат учебници во согласност со наставниот план и програма. Издавачките куќи ќе конкурираат, тие ќе плаќаат лектори, уредници, авторски хонорари. Тогаш целата одговорност ќе ја имаат тие. Ние ќе бидеме одобрувачи, секој учебник ќе помине низ филтри – вели Вања Велева, директорка на Педагошката служба при Министерството за образование и наука.

Сепак, при вака понуденото решение се поставува и прашањето, дали со оглед на тоа дека стручните учебници се нискотиражни, издавачите би се нафатиле да ги печатат. Тие за „Нова Македонија“ велат дека државата треба да ги вклучи во процесот на менување на законот, за да се најде најсоодветно решение.
Затоа, додека се регулира тоа, има и други можни решенија. Бидејќи целиот процес за изработка на учебник е сложен и долготраен, исто така, една од можностите е државата еднократно да им плати за авторските права на професори-автори, кои би изработиле прирачници од кои учениците ќе можат да учат, за наставата да биде покриена со основна литература. Се разбира, при изработката ќе се внимава материјалот да биде во согласност со наставниот план и програма, а прирачниците – одобрени од Националната комисија за учебници и другите надлежни во министерството. Ова веќе го направија образовните власти во Србија, односно тамошното министерство за учениците обезбеди прирачници за средните стручни училишта по вкупно 900 предмети за кои воопшто нема учебници. Се разбира има и друг побрз, полесен начин и со најмали трошоци.

Прирачниците што би ги пишувале професорите, може дури и да не се печатат, за да се избегнат трошоци и за печатење. Може нив да ги има само во електронска верзија и тие едноставно да се постават на веб-страниците на училиштата. На овој начин, генерации ученици би имале можност бесплатно од Интернет да користат материјал за учење, предвиден со наставниот план и програма. Процедурата е едноставна – наместо лекциите и предавањата да бидат на табла од која учениците потоа ќе препишуваат во своите тетратки, лекциите, со примери и задачи да им бидат достапни електронски на учениците по предмети по кои нема стручна литература.

За тоа не се потребни ниту законски измени туку едноставно може да се регулира со интерни правилници во самите училишта, каде што наставниците ќе бидат обврзани материјалот што го предаваат усно, да го внесат во компјутер и потоа да го достават до учениците. На крајот на краиштата не мора ниту целиот материјал туку само најважните поенти, формули или задачи. Трудот за ова е мал и еднократен, но придобивките потоа се огромни и далекосежни.

Така и испитувањето и оценување потоа ќе биде пообјективно и пореално и ќе се создаваат стручни кадри во вистинска смисла на зборот. Доколку остане досегашната практика да се функционира без никакви учебници, тогаш се поставува и дилемата кои се воспитниот, образовниот па и моралниот кредибилитет на просветните власти и работници да ги казнуваат учениците со пониски оценки кога самите тие со ништо не придонеле да се подобри тоа ниту, пак, им овозможиле пристап до квалитетни наставни помагала.

Се разбира има и други можности, да се користат преводи од странски книги и учебници, да се воведе задолжителна дополнителна настава за сите предмети за кои нема учебници итн. Излезни решенија има само треба да се спроведат.
Можеби претстојниот зимски распуст и полугодието се и најсоодветен момент за такво нешто, во кој има доволно простор да се почне со решавање на проблемот.
За доброто на сите и, пред сѐ, за доброто на учениците како иднина на државата. А.П., А.Д

(крај)