Поранешен разузнавач ги разбуди „романтичните времиња“ на шпионирањето
Жените добивале кодни имиња како „Бразил“ и „Тигар“, а имале престој во вила со шест соби во областа Џорџтаун. Мата Хари-кандидатките биле подучувани како да креираат и да одржуваат измислен лик, а откако обуката ќе завршела, им било кажувано да го изгорат прирачникот што им бил даден како учебно помагало. Некои од жените добиле задача да заведуваат агенти од ФБИ, а други, како госпоѓицата по име Каит, требало да ги заведуваат вработените во Стејт департментот
Вистинска бура во американската јавност предизвикаа сознанијата на новинарите на неколку медиуми, а пред сѐ на „Њујорк тајмс“, за операцијата на поранешни и сегашни разузнавачи, кои формирале екипа за собирање компромитирачки информации од најблиското опкружувањето на поранешниот претседател Доналд Трамп. Но она што ја прави оваа приказна поразлична од другите, досега познати, е дека собраните информации не биле користени против Трамп, туку напротив, за негова евентуална заштита. Имено, сојузниците на Трамп толку многу се плашеле од критичари, па отишле дотаму што ангажирале британски шпион да врбува жени, со цел откривање на „непријателите“ на тогашниот американски претседател, објавија деновиве повеќе американски медиуми, повикувајќи се на веродостојни извори.
Меѓу оние што беа цел е и Херберт Рејмонд Мекмастер, генерал-полковник и советник за национална безбедност на Трамп. Мекмастер на оваа позиција го замени лојалниот поддржувач на Трамп, Мајкл Флин, кој беше присилен да даде оставка поради своите сомнителни контакти со рускиот амбасадор во Вашингтон.
Луѓето од „Блеквотер“ повторно во разузнавачко замешателство
Инаку, Мекмастер често беше опишуван како човек што е полојален на државата одошто на самиот претседател, па гламурозната тексашка новинарка Тара Прајс добила 10.000 долари за обидот да го заведе (и на тој начин да извлече информации директно од него) во еден италијански ресторан во Вашингтон, каде што знаеја дека често наминува, пишува „Њујорк тајмс“.
Една друга жена, руската покер-играчица и поранешна натпреварувачка во реалното шоу „Преживеан“, Ана Каит, добила задача да заведува службеници во Стејт департментот, кои би признале дека не го сакаат Трамп и дека сакаат да го осуетат.
– Не е нелегално да се испитуваат луѓе што би требало да бидат транспарентни кон американскиот народ – напиша Каит минатата недела на Твитер, но избегна да одговори на прашањата на „Њујорк тајмс“ во врска со случајот.
Жените добивале кодни имиња како „Бразил“ и „Тигар“, а престојувале во вила со шест соби во областа Џорџтаун, чија месечна закупнина изнесувала 10.000 американски долари. Локацијата била чувана во тајност, па на возачите на Убер постојано им било кажувано да ги оставаат жените неколку улици подалеку од вилата.
Пред да бидат селектирани, тие се собрале во Вајоминг на големиот семеен ранч на поранешниот маринец Ерик Принс, основач на американската приватна воена компанија „Академи“ (некогаш позната како „Блеквотер“) и еден од неформалните советници на американскиот претседател. Истовремено, неговата сестра Бетси де Вос беше секретарка за образование во кабинетот на Трамп.
Токму Принс бил тој што го ангажирал поранешниот британски шпион Ричард Седон да ги надгледува жените, а сета работа е вршена во соработка со проектот „Веритас“, кој се занимава со „разголување“ на американските предрасуди во медиумите, пишува „Њујорк тајмс“.
Од проектот „Веритас“ изјавија дека весникот изнесува клевети, но не дадоа никакви одговори на конкретните прашања за операцијата.
На ранчот во Вајоминг, откако ги утврдиле нивните политички склоности, Принс и Седон ги тренирале и ги подучувале жените како да ги намамат своите цели да проговорат и како тајно да ги снимаат.
Кандидатките биле подучувани како да креираат и да одржуваат измислен лик, а откако обуката завршила, им било кажано да го запалат прирачникот што им бил даден. Некои од жените добиле задача да заведуваат агенти од ФБИ, а други, како Каит, требало да ги „бркаат“ вработените во Стејт департментот.
Цел биле големи политички имиња во Вашингтон
Според мејлот од мај 2018 година, кој беше испратен до проектот „Веритас“ од страна на поранешното момче на новинарката Прајс, нејзе ѝ било кажано дека ќе добие 10.000 долари за тајна задача што вклучува големи политички имиња во Вашингтон. Изворите на „Њујорк тајмс“ открија дека во игра бил Херберт Рејмонд Мекмастер, за кого медиумите во една пригода напишаа дека за време на деловна вечера со неколку директори, го нарекол Трамп „идиот со интелигенција на дете во градинка“.
Во операцијата се вклучила и помагала и Барбара Ледин, помошничка во сенатскиот Комитет за правосудство, чиј сопруг, Мајкл Ледин, заедно со Флин е автор на книгата „Борбеното поле“, а соработувала и лично со него, ангажирајќи се во обидот да се пронајдат избришаните електронски пораки на Хилари Клинтон. Ледин, која сега е во пензија, им помогнала на Принс и на Седон така што им дала детали врзани за секојдневниот распоред и рутина на Мекмастер, според кои, тие дознале дека советникот на Трамп често оди на вечера во италијанскиот ресторан „Тоска“.
Сепак, Ледин инсистира на тоа дека била само „гласник“ и дека никако не била дел од заговорот.
Остана непознато дали Прајс некогаш успеала да се сретне со Мекмастер, кој поднесе оставка во март 2018 година. Тој не сакаше да даде коментар на извештаите на „Њујорк тајмс“, ниту пак тоа го сторија Прајс и Принс.
За разлика од нив, Каит изјави дека е горда на своето дело.
– Не бакнав никого за време на истрагата на проектот „Веритас“, но лажни вести секогаш ќе има. Новинарите се тие што би требало да ја истражуваат и контролираат Владата – напиша таа на Твитер, негирајќи дека нејзина цел биле агенти на ФБИ.
– Додека работев на тајната задача за проектот „Веритас“, никогаш не го истражував ФБИ, се работи за неосновани обвинувања – заклучи Каит во својата објава на Твитер.
Мата Хари како матрица
Холандската егзотична танчарка и куртизана Маргарета Гертруда Зеле, попозната по своето уметничко име Мата Хари, стана своевиден синоним за жените шпиони, чија матрица на дејствување се изучува и истражува и денес, повеќе од сто години од нејзината смрт.
Потекнувала од богато семејство и на 19 години се мажи за офицерот во холандската војска Кембел Мек Леод, кој имал шкотско потекло. Со него од 1897 до 1902 година живеат на Јава и на Суматра, а подоцна се враќаат во Европа и се разведуваат. Таа во Париз започнува кариера на егзотична танчарка и го зема уметничкото име Мата Хари. Била висока, атрактивна и многу вешта во настапите, при што танцувала речиси гола и набргу станала атракција, која сите сакале да ја видат, но и да ја освојат. Му станува љубовница на милионерот и индустријалец Емил Гиме, но има низа врски и со други богаташи и благородници.
Со почетокот на Првата светска војна почнува да патува многу низ Англија, Франција, Холандија и Шпанија, каде што остварува низа авантури со високи офицери, што почнува да раѓа сомневање дека се занимава со недозволени активности. Во јануари 1917 година, една од германските тајни пораки ги спомнува услугите на шпионот Н-21. Француската тајна служба го идентификува овој шпион како Мата Хари и ја апси во хотелска соба на 13 февруари во Париз. Осудена е како германски шпион и стрелана на 15 октомври 1917 година.
За волја на вистината, нејзиниот вистински ангажман како шпион никогаш не е потврден, дури некои историчари тврдат дека таа е жртвувана за да се прикријат некои од тогашните киксови на француската тајна служба.
Но како и да е, таа остана до денешен ден синоним за жена шпион што не ги штеди своите природни атрибути за да дојде до посакуваната цел. Очигледно Американците ја искористиле оваа матрица на дејствување, која се покажува како ефикасна и по повеќе од сто години. Овој пат се разоткри нивното ангажирање атрактивни девојки за прибирање информации што би го заштитиле Трамп. Колку вакви и слични случаи ќе останат неоткриени, тешто е да се каже, но едно е сигурно – конкурентските служби и љубопитните новинари нема да престанат да трагаат насекаде каде што ќе се појави и најмал знак на сомнеж.