Многу е важно да се направи разлика меѓу трета партија и трета опција во земјава. Она што ѝ треба на Македонија не е да дојде трета опција, туку да дојде на власт алтернативна партија, партија што ќе биде изградена на цврсти морални стандарди и која нема да се заснова на бизнис-елитата туку за интересите на граѓаните. Таква партија нема да се најде во поблиска иднина доколку не се промени гласачкото однесување на клиентелистичкиот електорат кај граѓаните.
Со вакво размислување какво што имаме кај граѓаните, и во следните 50 години во Македонија ќе се гласа за ВМРО или СДСМ
Неделава во Украина победи партија што беше формирана неколку месеци пред одржувањето на тамошните избори. Новооснованата партија Слуга на народот на претседателот Володимир Зеленски е јасен победник на изборите, со што народот на оваа поранешна советска република покажа дека како никаде во Европа на демократски начин може да се случи толку брза и енергична политичка промена и дека народот умее да ги казни и експресно да раскрсти со старите политичари и партии.
Во поблиското опкружување имавме слични моменти, но не толку убедливи смени на политиките како во Украина. Паметиме како неодамна пратениците на политичкото движење „Жив ѕид“ од Хрватска, чиј лидер е пратеникот Иван Пернар, успеаја на најголемите хрватски партии ХДЗ и СДП и на нивните кандидати Колинда Грабар Китаровиќ и Иво Јосиповиќ да им одземат повеќе од 300 илјади гласа на тамошните претседателски избори. Сличен беше моментот кога новоформираната партија на сегашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, СНС, нецела година од основањето на политичката партија успеа да победи на претседателските избори во земјата и тогашниот кандидат за претседател Томислав Николиќ го победи неговиот противкандидат Борис Тадиќ.
Правејќи компарација со украинската состојба и доаѓањето на власт на новоформираната партија на претседателот Зеленски и анализирајќи ги актуелните случувања на политичката сцена на македонската држава од нејзиното осамостојување до денес, експертите велат дека последните изборни циклуси покажаа дека единствено албанското гласачко тело е подготвено за промени на политичката сцена. За разлика од нив, Македонците избираат само помеѓу двете етаблирани партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, тоа е така бидејќи македонските граѓани гласаат клиентелистички и сѐ додека не се промени тоа, на власт во земјава ќе бидат единствено овие два блока, што во исто време е убиствено по демократија во развој како што е македонската. Професорот Здравко Савевски од Левица нагласува дека на следниот изборен процес, независно кога и да се случи, многу тешко може да се смени мозаикот кај политичките чинители во земјава. Тоа, според Савевски, е така бидејќи гласачкото тело, односно електоратот, е клиентелистички, односно гласа единствено од личен интерес.
– Проблемот кај нас е ваков каков што е бидејќи народот не размислува самостојно, односно секогаш гласа за ВМРО за да се казни СДСМ или обратно. Никогаш во Македонија не победиле новитетите што можеле да понудат програма наместо глас за помалото зло. Со други зборови, всушност, денешната состојба и статус кво се резултат од таквото размислување на граѓаните, кое е ограничено – вели Савевски.
Тој истакнува дека во ситуација кога граѓаните се многу незадоволни од постојните политички партии и кога се појавуваат само нови партии од стари политичари, тие треба да пробаат нова партија со нови идеи. Левица, како што вели Савески, беше и е таков вид движење што се залага за работнички права и социјалната правда, за демократизација на сите сфери на живеењето и против меѓуетничките бариери и национализми.
– Многу е важно да се направи разлика меѓу трета партија и трета опција во земјава. Она што ѝ треба на Македонија не е да дојде трета опција туку да дојде на власт алтернативна партија, партија што ќе биде изградена на цврсти морални стандарди и која нема да се заснова на бизнис-елитата, туку за интересите на граѓаните. Таква партија нема да се најде во поблиска иднина доколку не се промени гласачкото однесување на клиентелистичкиот електорат кај граѓаните. Со вакво размислување какво што имаме кај граѓаните, и во следните 50 години во Македонија ќе се гласа за ВМРО или СДСМ, без оглед што се случува во светот на ова поле – заклучува Савевски.
Од друга страна, според политичкиот аналитичар Атанас Козарев, причина за ваквата ситуација на едно исто во македонскиот блок е всушност изборниот модел во земјава. Истиот тој, според него, не им дозволува на помалите политички партии да обезбедат посериозен политички резултат како во случаите низ Европа, но и во опкружувањето. Друг фактор поради кој ситуацијата е различна од регионот е и степенот на политичка свест кај граѓаните, која, според него, е на ниско ниво.
– За волја на вистината, нивото на политичко размислување кај помалите етнички заедници е многу повисоко во однос на македонскиот електорат, односно доколку некоја од партиите не им го испорачала она што им го ветила, тие веднаш на наредните избори ги казнуваат. Таков беше случајот со ДУИ на парламентарните избори – потсетува Козарев.
Од друга страна, продор на трета опција, според Козарев, не може да се случи сѐ додека постои притисок врз гласачите по однос на уцени по работното место и слично.
– За жал, сѐ додека не се воспостави нормално функционирање на државниот апарат, а сѐ уште не е ни на повидок, дотогаш нема да може да очекуваме нови идеи или субјекти, зашто во изминатите дваесетина години со државата раководи или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Третата опција или партија би се родила во оној момент кога ќе се исполнат условите за непречено гласање на избирачите – вели Козарев, притоа додавајќи дека општеството, иако сака да напредува што побрзо, во исто време не е имуно на корупцијата, криминалот и заканите, кои, пак, се рак-рана на државата од нејзиното осамостојување до денес.