Две децении откако православните гробишта во Кичево добија нова локација, на излезот од градот во правец кон Охрид, на овој локалитет почна да се гради нова црква. Почетокот на изградбата на новиот црковен храм со одобрување беше прифатен од верниците и од свештенството во градот.
– Откако беше обезбедена дозвола за градба на четврти декември минатата година, истовремено беше ставен камен-темелник и почна изградбата на новиот црковен храм на локација во непосредната близина на новите градски гробишта. Црквата ќе биде со површина од околу 80 квадратни метри, а станува збор за објект, кој во значителна мера ќе го растовари единствениот црковен храм во градот „Свети Петар и Павле“. Голема добивка ќе биде и таа што отсега покојните ќе можат директно да се однесат во новиот црковен храм, каде што ќе бидат извршени неопходните обреди. Со изградбата на новата црква, влезот во градските гробишта ќе се промени и ќе се влегува од северната страна – вели Тони Петрески, претседател на црковниот одбор.
Од свештенството од Кичево додаваат дека завршувањето на новиот црковен храм во најголема мера ќе зависи од приливот на средства што ќе се собираат за оваа намена.
– Новата црква што почна да се гради на четврти декември наскоро ќе добие покрив и ќе бидат ставени и ѕидови, а нејзиното целосно завршување ќе зависи од приливот на средства. Ние сме заинтересирани, како и верниците, новиот храм да биде завршен што побргу, но според нашите процени, неговата финализација се очекува во првата половина од наредната година – објаснува отец Александар Матески, свештеник во храмот „Свети Петар и Павле“ од Кичево.