Кај еден од вработените во Универзитски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје е најдена бактерија МРСА, но тој е изолиран и не доаѓа на работа, сопшти директорката на оваа јавна здравствена установа, Амела Сана.
Во пишаната изјава таа наведува дела со целосна одговорност уверува оти нема место за страв кај пациентите.
– Состојбата е под контрола, преземени се сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории, истакнува Сана.
Таа наведува дека, иако кај ниту еден од останатите вработени нема сомнителни симптоми, превентивно по итна постапка во текот на денешниот ден се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени во просториите на Клиниката.
– Согласно наведеното, апелираме дека нема потреба од создавање паника, ниту каков било сомнеж за сигурно и квалитетно давање стоматолошки здравствени услуги на нашите пациенти, посочува директорката на Стоматолошкиот клинички центар.
МРСА е бактерија што е отпорна на антибиотици, а се пренесува со директен контакт со заболено лице или заразен материјал. Предизвикува опасни крвни инфекции, воспаление на белите дробови или инфекции на местото на хируршкиот зафат. Симптомите се појава на булбуси на кожата коишто се црвени, отечени, болни и топли на допир, како и висока температура, грозница, слабост, болки во мускулите и така натаму.