Специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе оставка на функцијата преку соопштение објавено на интернет-страницата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Таа објави дека нејзината оставка ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник.
– Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник – се наведува во соопштението.