Откако Македонија го ратификуваше договорот од Преспа во Собранието, денеска во Грција доаѓа моментот на „вистината“ за таа да го реши деценискиот спор за името. Ова го пишува интернет изданието на грчкиот весник „Катимерини“. Како што наведува весникот во последната анализа за името, по 27 години изминати во преговори за изнаоѓање на решение прифатливо и за Македонија и за Грција, со создавање на мост меѓу двете дијаметрално спротивни страни – желбата на нашата земја да го задржи уставното име Република Македонија и силниот став на Атина да забрани целосно користење на името Македонија – конечно дојде до заеднички договор на двете страни токму преку договорот од Преспа кој беше потпишан во јуни минатата година.
Според грчки „Катимерини“ договорот од Преспа во теорија требаше да мине со силно мнозинство во грчкиот парламент, за да крајниот исход во праксна да нема победници и губитници на грчката политичка сцена. Наместо тоа, во Грција, слично како и во Македонија, и народот и политичарите се поделија кога станува збор за ова прашање, наведува весникот.
– Првенствено, премиерот на Грција Алексис Ципрас, кој покажа силни лидерски способности во очите на меѓународната политичка сцена и ЕУ, на домашниот фронт го искористи договорот како алатка за остварување на политички поени и предност пред опозициската Нова демократија. Со тоа, Ципрас успеа сериозно да го подели населенито за прашањето за името Македонија – пишува „Катимерини“.
Најдобриот начин за заштита на грчките интереси во оваа конкретна ситуација, според пишувањата во „Катимерини“, би било со остварување на договор меѓу премиерот и првиот човек на опозицијата во Грција надвор од очите на јавноста, со што би се отворила можност за соработка и подобро менаџирање на ова важно прашање. Доколку Ципрас различно пристапеше во однос на ова прашања, веројатно ќе добиеше повеќе простор и поголемо разбирање од лидерот на опозицијата Мицотакис, соработка која според „Катимерини“ не би се ограничувала само на односите со Македонија, туку таа би се проширила на повеќе полиња меѓу кои и за геополитичките на Балканот но и во светот.
– Сите што го следеа развојот на настаните на спорот со името во последниве 27 години знаат дека грчката страна направи многу грешки. Во минатото, доколку Константиност Мицотакис имаше пошироко мнозинство во парламнетот ќе притиснеше за решение со името „Нова Македонија“. Се смета дека Костас Симитис и Јоргос Папандреу подоцна успеаа да се договорат за името „Горна Македонија“, но ниту тој предлог не беше сериозно земен во предвид и од двете страни. На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година Грција за време на владеењето на Костас Караманлис и стави вето на Македонија за пристап во северноатланстската унија, бидејќи тој силно инсистираше на тоа дека нашата држава треба и мора да име име со географска одредница за севкупна употреба – пишува „Катимерини“.
Денес, како што наведува грчкиот весник во својата анализа објективните набљудувачи на состојбата, кои се малцинство во Грција, сметаат дека е дојдено до чесен компромис кој не го навредува достоинството ниту на едната ниту на другата страна. Во оваа насока, странските дипломати и аналитичари кои сметаат дека овој договор повеќе оди во прилог на Грција отколку на Македонија, мора да разберат колку ова прашање е емотивно врзано за грчкиот народ, а доказ за тоа е и големата бројка на луѓе на грчките улици кои протестираат против договорот.