На маса биле и предлозите „Слободна Македонија“ и „Независна Македонија“. Атрибутот „Нова“ бил соодветен, не давал повод за создавање политички сомнежи, бил играње на сигурна карта…
Не е точно утврдено кој е човекот што го предложил името на весникот, но мора да му се признае дека бил далековид – што и да се менува, што и да старее, „Нова Македонија“ секогаш останува нова, пишува Панде Колемишевски, новинар, долгогодишен директор на НИП „Нова Македонија“, сега редовен колумнист во медиумот.
Весникот годинава обележува 77 години од своето раѓање на 29 октомври 1944 година во велешко село Горно Врановци.
– Тој предлог бил и најприфатлив, затоа што првите уредници биле убедени дека станува збор за нова современа македонска држава, која ќе негува и ново, поинакво новинарство. На маса биле и предлозите „Слободна Македонија“ и „Независна Македонија“. Во таа 1944-та, сѐ уште воена година, последните две имиња би предизвикувале некаква негативна реакција, како во македонски така и во југословенски рамки. Атрибутот „Нова“ бил соодветен, не давал повод за создавање политички сомнежи, бил играње на сигурна карта – вели Колемишевски.
„Нова Македонија“ од самиот почеток е национален весник на македонскиот народ, архетип во македонското новинарство. Горно Врановци денес е село-музеј, раскажува за најважните моменти од македонската современа историја.
– Неговиот основач, Президиумот на АСНОМ, под македонски народ ги подразбирал сите граѓани што живеат во Македонија, без разлика на нација и вера. Националниот бил првиот постулат. На второ место е директивата весникот да биде демократски, а доста подоцна се појавила потребата да биде и граѓански. Во образложението навеле дека нема да биде сувопарен официјален орган, кој ќе публикува само државни и партиски заповеди и решенија, туку треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане вистински народен весник – пишува Колемишевски.
Архивата на „Нова Македонија“ денес е најголемиот и единствен сведок на најзначајните настани за македонската државност.