Фото: Игорт Бансколиев

НОВИНАРСКИ ОСВРТ НА МОДЕЛИТЕ ЗА ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР (3)

Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени од оваа област, „Нова Македонија“ во свој осврт во неколку продолженија ќе се обиде на читателите што поедноставно и појасно да им го презентира процесот на реформите на разузнавачките и безбедносните служби и ќе се обиде да ги посочи најголемите предизвици пред кои се наоѓа безбедносниот сектор на државата во овој момент. Наедно, преку мислењата на релевантни соговорници, ќе се даде појаснување на моделите на преструктурирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) како еден од сегментите на националниот безбедносен систем. Во својот осврт, весникот користи размислувања на видни безбедносни аналитичари, универзитетски професори, правници и поранешни високи државни функционери од оваа област

Што ќе значи за безбедносниот систем на државата, доколку според вториот од вкупно трите предложени модели за спроведување на реформите од областа на безбедноста Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) би функционирала како самостоен орган надвор од МВР.

Имено, според актуелните мислења, се предвидуваат три можни модели по кои може да се движат реформите во УБК. Првиот модел предвидува Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) да останат како што се досега, првата во рамките на МВР, втората како посебен орган. Вториот концепт, односно модел, предвидува УБК да се алоцира надвор од МВР и да функционира како посебен владин орган на управа (дирекција или агенција), и со третиот модел, се предвидува спојување на УБК и на АР во еден орган, кој ќе дејствува како посебна нова владина безбедносна агенција.

Во сублимиран заклучок стручна јавност со која се консултиравме вели дека токму вториот модел во моментов е најлесен за спроведување, но е можно тој да не го даде посакуваниот ефект на реформи, кои се предвидуваат со препораките на експертската група на Рајнхард Прибе.
Магдалена Лембовска, истражувачката за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“, вели дека вториот модел, каде што се издвојува УБК од МВР и се воспоставува Управата како посебна самостојна служба, овозможува независност на Управата и дава своевидно подобро дефинирање на надлежностите и поголема ефикасност во работењето.
– Она што сепак може да се јави како недостаток во овој модел е дуплирањето на надлежностите со другите служби, недоволна соработка и координација итн., посебно ако се има предвид дека современите безбедносни предизвици се честопати хибридни и не може да се дефинираат чисто како „внатрешни закани“ под надлежност на УБК или „надворешни закани“ под надлежност на Агенцијата за разузнавање – објаснува Лембовска.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, истакнува дека, според неговото мислење, моделот со кој УБК се вади надвор од МВР е многу практично изводлив во споредба со другите и тој во практика би можел да понуди подобрување на дејствување во споредба со актуелната поставеност на безбедносните организации.

– Во оваа втора опција позитивно е тоа што на УБК би ѝ се одзеле надлежностите за дејствување чии припадници ги имаат, кои се како оние на припадниците на МВР – вели Трајанов.

Тој истакнува дека во оваа можна верзија на реформата би требало попрецизно со закон да се додадат и одделат разлики во дејствувањето на оперативците на службите и на полицајците, односно да се одделат дејствувањата на разузнавањето и на оние во контраразузнавањето.

– Верувам дека за сето да функционира како што треба како сличните организации и тела во западните демократии, треба да се направи добра стратегија, но и строга селекција на кадрите, преку која ќе се исфилтрираат професионалните вработени структури и оние што не треба ни да го прејдат прагот на врата во овие институции – вели Трајанов.

Универзитетскиот професор Гордон Калајџиев ваквиот модул на реструктурирањето на УБК го доживува како делумно решение, кое во практика нема да биде ништо повеќе туку брзинско затворање на реформите и ставање под тепих на не докрај завршениот процес.

– Оваа верзија на реформите нема јасни решенија на пример со дефинирањето, на пример на прашањето околу прислушувањето на кој начин ќе се спроведе тоа и како, односно, исто така, нема и решение за тајното следење и на сличните условно кажано проблематични дејствувања на безбедносните служби – објаснува професорот.
Според него, оваа нормативна сфера на овластување е суштинска во реформите и таа не зависи од моделот на кој ќе бидат извршени реструктурирањата на безбедносниот апарат.

– На овој начин мислам дека се прави забуна и се оставаат повторно да се активни многуте недостатоци, кои досега ги имаше системот – вели Калајџиев.
Тој истакнува дека целиот систем на спроведување реформи непотребно се брза и на тој начин се добива впечаток дека реформите се спроведуваат во 5 до 12, а сето може да се препознае во фактот во трката со рокови каде што на стручната јавност ѝ се остава само една седмица да избере кој модел е најдобар за дејствување на УБК. Дополнително на хартија ова е моделот, кој практично и најбргу може да го спроведе власта и верувам дека тој има најголеми шанси да се реализира од трите предложени модули – резимира тој.

ПРОДОЛЖУВА
(Ќе има ли Македонија своја нова безбедносно-разузнавачка агенција?)