Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство на Република Македонија, ниту пак, постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек, велат од кабинетот на Пендаровски.
– Потенцираме дека претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори сè за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот „Рекет“ – додаваат од Кабинетот.
Оттука уште еднаш укажуваат дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“ почитувајќи го начелото на презумпција на невиност.
Претходно денеска Јавното обвинителство по повод обраќањето на Пендаровски, укажа дека не е време за напади на институциите и нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.