Македонските оператори вечерва времено прекинаа со реемитувањето на ТВ-програмите, освен на јавниот сервис МРТВ, во знак на протест поради, како што велат, неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Преку соопштение во петокот операторите наведоа дека се принудени да почнат со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни, 2020.
Ова, како посочија, се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски.
– На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение.И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира – наведува во соопштение операторите кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Велат дека со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност.
„Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.5.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена. Сите оператори, по истекот на овој период, односно на 8.8.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат, се наведува во соопштението.
Операторите најавија дека сите корисници кои ќе бидат афектирани од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата.
МИОА: Операторите прекршија член од Законот за електронски комуникации
Во врска со денешното исклучување на емитувањето на телевизиските канали од страна на операторите, Министерството за информатичко општество и администрација би сакало да укаже дека е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации.
МИОА преку соопштение ужажа на Законот, кој гласи:
Член 115
(1) Операторите кои обезбедуваат пристап до јавна електронска комуникациска мрежа можат, без согласност на корисниците, привремено да го ограничат или прекинат пристапот до нивните услуги, доколку тоа е потребно заради реконструкција, модернизација, одржување или во случај на технички пречки или недостатоци во мрежата.
(2) Операторите се должни да ја информираат Агенцијата и да ги известат корисниците за ограничувањата или прекините кои траат подолго од 30 минути:
– најмалку 48 часа пред планираната реконструкција, модернизација или одржување или
– колку што е можно побрзо, но не подолго од 48 часа, кај ограничувањата или прекините предизвикани од технички пречки или недостатоци во мрежата.
(3) Операторите треба да ги преземат сите неопходни мерки, ограничувањата или прекините да траат што е можно пократко.
Со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот. Последиците за ова дело се дефинирани во членовите 182 и 186 од Законот за електронски комуникации, кои гласат:
Член 182
(1) Глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, односно трговец поединец, ако:
36) изврши привремено ограничување или прекин на пристап, спротивно на членот 115 од овој закон;
(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, односно за трговецот поединец ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец за прекршоците од ставот 1 на овој член.
Член 186
(1) На правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182,183 и 184 од овој закон покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години, а може да му се изрече и прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот.
(2) На одговорното лице во правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година.
(3) На трговец поединец за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, а може да му се изрече прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот.
Покрај ова, сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно регулаторно тело.