Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на пријавени заболени во првите три месеци од 2019 година тројно е поголем споредено со истиот период лани. Вакцинацијата е единствениот начин на заштита од морбили, поради што Комисијата за заразни болести во земјава, меѓу другото, заклучи и дека е потребен поголем опсег на вакцинацијата
Комисијата за заразни болести вчера донесе заклучок да биде прогласена епидемија на мали сипаници на територија на целата држава. Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје рече дека прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување. Епидемија на морбили беше прогласена на трети јануари на територија на Скопје и на уште неколку општини.
– Една од мерките е забраната невакцинирани деца да одат во градинка, а втората мерка која е предложена е да се намали возраста за вакцинирање од 12 на шест месеци, бидејќи многу од децата се на возраст под една година и тие се највулнерабилна група за тешки форми на заболувањето. Бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица, кои по редовниот календар не подлежат на вакцинација, Комисијата донесе одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје, односно на возраст од 14 до 60 години – изјави доктор Микиќ.
Тој рече дека другиот сет мерки што е предложен е сите здравствени работници на територија на целата држава да мора да се вакцинирани со две дози на МРП-вакцина.
– Се забрануваат посетите на болниците и таа мерка мора да се почитува за да се намали можноста за внесување нова инфекција во болнички услови, а негувателките во градинките ќе бидат задолжително проверени за нивниот вакцинален статус и ќе треба да бидат уредно вакцинирани. Повеќе од 70 деца со мали сипаници се хоспитализирани, од кои 55 се на Клиниката за инфективни болести, а 15 на Клиниката за детски болести. Од нив повеќе од седум се во потешка состојба, но сите се хоспитализирани бидејќи имале компликации од мали сипаници – додаде доктор Микиќ.
Ваквиот заклучок е донесен бидејќи веќе се пријавени 961 случај со морбили. Во последната недела, повеќе од 60 отсто од пријавените случаи биле надвор од Скопје. Вкупно 20 града имаат регистрирано случаи на мали сипаници.
И на светско ниво значително е зголемен бројот на заболени од сипаници. Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на пријавени заболени во првите три месеци од 2019 година тројно е поголем споредено со истиот период лани. Во Африка, годинава, се случил најдраматичниот пораст на заболени од дури 700 проценти.
Малите сипаници се високо заразна болест на респираторниот систем. Понекогаш болеста може да доведе до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи и инфекции на белите дробови и на мозокот.
Украина, Мадагаскар и Индија се најмногу погодени од болеста, со десетици илјади пријавени случаи на милион луѓе. Во Мадагаскар, од септември досега, најмалку 800 луѓе починале од мали сипаници. Епидемии има и во Бразил, Пакистан и Јемен, каде што исто така имаше многу смртни случаи, главно кај мали деца.
Вакцинацијата е единствен начин на превенција од морбили. Во Македонија, односно во Скопје, од почетокот на епидемијата (3 јануари) вкупниот број на вакцинирани лица е 11.919 деца до 14-годишна возраст. Во преостанатиот дел од државата, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина е 7.542. На ниво на држава, вкупно се вакцинирани 19.461 дете.