Научниците сметаат дека жените можеби имаат подобар имунолошки систем, бидејќи мораат да преживеат девет месеци бременост, додека улогата на мажите во размножувањето е многу пократка. Освен тоа, жените имаат два Х-хромозома, а мажите само еден
Неодамнешна научна студија покажа дека за жените не може веќе да се зборува дека се послаб пол, бидејќи имаат многу повеќе шанси да преживеат криза опасна по живот од мажите. Истражувачите од Универзитетот во Јужна Данска проучувале повеќе историски податоци за смртноста на мажите и жените што се соочиле со глад, епидемии или биле продавани како робови, објави британски „Телеграф“.
Речиси во сите случаи било откриено дека жените живееле подолго, често надживувајќи ги мажите за неколку години, иако биле во еднакво тешки услови.
На пример, во периодот кога голем глад ја зафатил Ирска, од 1845 до 1849 година, просечниот животен век на мажите бил само 38 години. Меѓутоа, на врвот на кризата, животниот век на мажите паднал на 18,7, а на жените изнесувал 22,4 години.
Сличен шаблон може да се примени и во времето на глад во Шведска (1772-1773 г.) и во Украина во 1933 година. Жените, во просек, живееле две години подолго од мажите и за време на епидемијата на мали сипаници на Исланд.
Д-р Вирџинија Зарули, водач на истражувањето, тврди дека жените докажано живеат подолго во најсмртоносни ситуации.
– Она што е мошне впечатливо е фактот дека и новородените бебиња од женски пол процентуално повеќе преживуваат од новородените машки бебиња – вели Зарули.
Единствен исклучок била трговијата со робови, каде што мажите ги надживеале жените, но истражувачите веруваат дека тоа било поради фактот што трговците со робови повеќе се труделе да преживеат мажите, бидејќи повеќе вределе.
Истражувачите велат дека резултатите покажуваат оти жените, фундаментално, биолошки се „поцврсти“ од мажите, што е можеби последица на разликите во сексуалните хормони. Естрогенот, познат и како заштита од воспаленија, исто така го штити васкуларниот систем, додека тестостеронот е фактор на ризик за многу опасни болести. Машкиот сексуален хормон може исто така да му штети на имунолошкиот систем. Научниците сметаат дека жените можеби имаат подобар имунолошки систем, бидејќи мораат да преживеат девет месеци бременост, додека улогата на мажите во размножувањето е многу пократка.
Освен тоа, жените имаат два Х-хромозома, а мажите само еден, па немаат „резервен“ доколку тој не функционира како што треба. Исто така, жените поинтензивно ги чувствуваат мирисите, појасно ги гледаат боите и повеќе уживаат во допирите благодарение на естрогенот, што е најизразено во текот на овулацијата и во текот на бременоста. Научно е докажано дека жените подобро се справуваат со стресот, имаат поизразена интуиција, физички се поотпорни, помалку се агресивни. Истражувањата покажаа дека интелигенцијата се манифестира со комбинирано дејство на двете мозочни хемисфери – левата и десната. Во левата се сместени логичките, вербалните и аналитичките способности, додека во десната се визуелните, перцептивните и синтетичките.
Исто така жените еднакво успешно стекнуваат нови знаења како и мажите, но подобро и поживописно се изразуваат, имаат побогат речник, а според истражувањата тешкотиите во говорот кај нив се трипати поретки отколку кај мажите. Тоа повторно е последица на координацијата на левата и десната хемисфера на мозокот, што кај жените е поизразена. Од истата причина девојчињата побрзо прозборуваат од машките деца и подобро им одат друштвените науки. Докажано е дека жените побрзо решаваат анаграми и полесно учат странски јазици. Истражувањата покажуваат и дека жените полесно поднесуваат болка, а според некои истражувања 24 отсто од мажите не би можеле да ги издржат породилните болки. Отпорноста се должи на тоа што кај жените организмот произведува повеќе ендорфин, што е природен аналгетик. Некои истражувања покажуваат дека жените просечно боледуваат по 7 дена годишно, а мажите по 12, употребуваат помалку апчиња против болки и помалку остануваат во болница во споредба со мажите со исти здравствени проблеми. И со текот на еволуцијата, жените стануваат сѐ поубави, додека мажите не се менуваат премногу.