Зошто македонските владици не расправале за прашањето што во иднина би се случувало со името на МПЦ-ОА ако граѓаните на претстојниот референдум ја поддржат спогодбата од Преспа? Што ако потоа Собранието ги изгласа уставните измени? Дали тоа ќе значи и бришење или преименување на МПЦ-ОА, покрај која во членот 19 во Уставот на Република Македонија се вклучени и петте верски заедници
Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија не донесе конкретен став дали ќе го поддржи или ќе го бојкотира претстојниот референдум, планиран за 30 септември годинава. Одлуката на владиците што била донесена на последната синодска седница одржана вчера се поклопува и со ставот за референдумот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, изминатиот период во јавноста меѓу граѓаните и верниците постоеше дилема дали МПЦ ќе остане национално обележје како Македонска црква, особено поради важноста на тоа што нашата црква е темел и вековен чувар на македонската посебност, јазик и традиција.
Македонските владици, посветиле должно внимание на актуелната состојба, но одлучиле дека граѓаните се доволно зрели за да донесат сами одлука по сопствено убедување.
– Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија ја изразува својата доверба во политичката зрелост на граѓаните на Република Македонија, кои на претстојниот референдум, слободно и по свое сопствено уверување, ќе го остварат своето демократско право на избор – се вели во соопштението на Синодот на МПЦ-ОА.
Сепак, македонските владици не расправале за прашањата што во иднина би се случувало со името на МПЦ-ОА ако граѓаните на претстојниот референдум ја поддржат спогодбата од Преспа и потоа Собранието ги изгласа уставните измени, како и дали редефинирањето на Уставот, на кое се обврза нашата држава со Преспанскиот договор, ќе значи и бришење или преименување на МПЦ-ОА во членот 19 во Уставот на Република Македонија, каде што се вклучени петте верски заедници.
Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вчера отсечно кажа дека такво нешто не било на дневен ред за расправа и дека и во иднина нема да биде ставено на дневен ред.
– Официјалниот став на црквата е преточен во официјално соопштение. Сѐ друго е индивидуален став на поединци и нас не нѐ засега тоа. Прашањето за евентуална промена на името на црквата не беше на дневен ред за расправа и не може да дојде на дневен ред и во иднина – додаде г. Тимотеј.
Сепак, познато е дека некои од владиците во Синодот на МПЦ се силни противници на спогодбата од Преспа, како и за претстојниот референдум. Меѓу нив е владиката Агатангел, кој неколкупати јавно зборуваше против спогодбата од Преспа и една недела пред денот на одржување на референдумот ги покани верниците на заедничка литургија, на која ќе се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот на државата.