Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТEМПИРАНА ЕКОЛОШКА БОМБА ВО СРЦЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕСТОЛНИНА

Според сведочења на поранешни вработени, но и според официјални извештаи до кои дојде нашиот весник, за време на работењето на хемискиот гигант ОХИС во воздухот испариле или во земјата понирале околу 400 тони жива, количество што може да ја уништи цела Европа

Од друга страна, живата оставена во кругот на фабриката продолжува и натаму да претставува еколошка закана за околината, бидејќи луѓето што се движат во близината на ОХИС продолжуваат да ја вдишуваат преку воздухот, а опасност демне и преку користењето земјоделски производи од градините во околината на фабриката, тврдат упатените

Нема никакви најави кога ќе започне дислокацијата на околу осум тони жива од кругот на фабриката ОХИС, која и по дваесетина години од престанувањето со работа и натаму претставува еколошка бомба, која е закана за Скопје, но на некој начин и за цела Европа.

Минатогодишниот инцидент кога дојде до истекување на контаминирана вода при измивање на резервоарите во кои се наоѓал метил акрилат, по што околното население се пожали на ширење непријатна миризба и дразби во дишните органи, е само потврда за опасноста што се крие од несоодветно складираните хемиски материјали, кои се оставени на забот на времето и кои во секој момент можат да се излеат на отворено, загрозувајќи го здравјето на луѓето и контаминирајќи ги воздухот, почвата и водите.
Дека во моментот несоодветно се третира и чува живата во ОХИС, се наведува и во документот за инвентаризација на живата во животната средина од Канцеларијата за отпорни органски загадувачи (ПОПС) при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

– Во погонот за електролиза капки од жива се распространети на поголем дел од подната површина и на опремата. Големи количества може да навлезат во подземните пукнатини или во неактивните одводни цевки. Покрај тоа, значителни количества жива се пронајдени и во околната почва, како и во зградата на ќелијата. Можно е дел од отпадот што содржел жива да бил фрлан и во депонијата за мешан отпад – се наведува во документот.

Поранешни вработени во ОХИС, пак, за „Нова Македонија“ потврдуваат дека има многу мистерии во врска со исчезнувањето на големи количества жива од фабриката и за тоа се шепотело по фабричките ходници, но никој тогаш не се осмелувал гласно да праша каде исчезнува живата.

– Секоја година, додека фабриката работеше со полн капацитет, исчезнуваа по два тона жива. Значи за само 20 години работење исчезнале 40 тони жива и никој не знае каде завршила таа, дали во атмосферата или, пак, во почвата и подземните води. Живата е многу опасна и може да предизвика сериозни труења кај луѓето – вели поранешен вработен во оваа фабрика.

Во документот на МЖСПП се додава дека најголем дел од живата бил загубен во форма на течен метал преку излевање или за време на одржувањето. Притоа посочените бројки во документот за исчезната жива се многу поголеми отколку претпоставките на поранешните вработени.

– И пошироката област од 6.200 квадрати е контаминирана со жива, поради фактот што за време на производството, приближно 400 тони жива биле ослободени во животната средина. Може да се претпостави дека главниот дел од живата сè уште е на локацијата на погонот – се констатира во документот на МЖСПП.

Опасните супстанци се складирани во буриња – Фото: Игор Бансколиев

Анализите направени на терен покажуваат дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата подлабоко од 20 метри и надвор од погонот.
– Близу погонот постојат траги на површинска контаминација поради тековното демонтирање на погонот, додека, пак, на исток се гледа дека контаминацијата со жива зафаќа длабочини од седум до 15 метри. Површинското загадување се намалува со оддалечување од зградата за електролиза, но се зголемува на поголеми длабочини во повеќето издупчувања – се посочува во документот, што на некој начин ги засилува стравувањата дека живата можеби завршила и во подземните води.
Покрај тоа, зголемени количества жива биле утврдени и во самиот градежен материјал од кој бил изграден погонот за електролиза.

И додека останува мистерија каде завршиле 40 тони од оваа опасна супстанција, живата оставена во кругот на фабриката продолжува и натаму да претставува еколошка закана за околината, бидејќи луѓето што се движат во близината на ОХИС продолжуваат да ја вдишуваат преку воздухот, а опасност демне и преку користењето земјоделски производи од градините во околината на фабриката.
Државата ја започна постапката за отстранување на линданот од депониите во кругот на фабриката и, според процените на надлежните, за целосно да се деконтаминира почвата од двете депонии се потребни помеѓу 40 и 200 милиони евра и тоа би траело од три до пет години.

За отстранување на живата засега не станува збор, а познавачите на состојбите тврдат дека тоа е исклучително скап процес.
– Самото чистење бара многу пари. Имаше слични случаи во европските земји, каде што за чистењето на живата и за ремедијацијата на теренот беа потрошени огромни суми – појаснува професорот Трајче Стафилов.

Поранешен технолог во ОХИС за весникот „Нова Македонија“ наведува дека фабриката набавувала суровини од познати западни компании и дека тие при доставувањето на суровините доставувале и техничка документација како да се третира живата.
– ОХИС ги добиваше материјалите за работа од познати светски компании. Па замислете, единствената синтеза на линданот на овие простори се правеше токму во ОХИС. Сите тие компании нудеа и техничка поддршка. Постои документација за тоа. Сметам дека ако се започне со процесот на дислокација на живата, треба да се искористи таа документација доставена од доставувачот за да се искористат нивните искуства и безбедно да се отстрани овој опасен метал – додава нашиот соговорник, кој посака да остане анонимен.

Инаку живата и нејзините испарувања се многу отровни. Ефектите од изложеноста на вакви испарувања не можат долго да се откријат, сè додека не настанат посериозни последици по здравјето. Сите облици на живата се токсични. До труење со жива може да дојде при вдишување, голтање или апсорпција преку кожата. Ги напаѓа дишните органи, кожата, бубрезите и централниот нервен систем. Знаци на труење се кашлица, болка во градите, проблеми со дишењето, треперење на мускулите, несоница и главоболка.

– Живата како тежок метал кога ќе навлезе во човечкиот организам многу тешко се отстранува. Таа е многу лесно испарлива, се сврзува со други органски супстанции, кои лесно влегуваат во организмот и го загадуваат – вели професорот Игор Кузмановски од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.


В понеделник дебата за отпадот во ОХИС во општината Кисела Вода

Проблемот со складираниот токсичен отпад ќе биде главна тема на информативниот настан на темата „Отстранување, дислоцирање, уништување и дислоцирање на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС во стечај“ што в понеделник попладне го организира општината Кисела Вода, на чија територија се наоѓа фабриката.

На настанот е најавено присуство на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, претставници од Друштвото за собирање и примарна преработка на отпадоци извоз-увоз „Екоцентар 97 ДООЕЛ“, претставници од Државниот инспекторат за животна средина, од градот Скопје, стечајниот управник на АД ОХИС, како и на градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски.