КИЧЕВО
По повод најголемиот христијански празник Рождество Христово Божиќ, во центарот на Кичево, втора година во низа е поставена Исусова пештера. За нејзино поставување се погрижија членовите на здружението „Бадникова поворка“ од градот и монашкото сестринство од манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“.
Покрај Исусовата пештера на истиот локалитет е поставена новогодишна елка. Во подножјето на пештерата има поставено и едно пакетче, во кое граѓаните, пред сѐ младите, во писмена форма ќе можат да ги испраќаат божиќните честитки, со кои ќе им се заблагодарат и ќе им посакаат успешна работа и добро здравје на здравствените работници, за успешното справување со коронавирусот и натаму успешно да ја продолжат борбата со невидливиот непријател.
– Нашето здружение заедно со монашкото сестринско од манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“, втора година во низа во центарот на Кичево ја постави Исусовата пештера, која го симболизира раѓањето на синот Божји. Исусовата пештера на ова место ќе остане до завршувањето на божиќните празници. Радува фактот што голем број родители со мали деца ја посетуваат пештерата и поголемиот дел од нив се фотографираат пред неа. Со поставувањето на Исусовата пештера и новогодишната природна елка, го разубавивме и центарот на градот – рече Бошко Сарафилоски, претседател на здружението „Бадникова поворка“.
Инаку верниците од Кичево можат за дома да порачаат помала верзија на Исусовата пештера, која чини 1.500 денари. Ги изработуваат припадничките на монашкото сестринство од манастирот во Рајчица од природни материјали.
Од здружението информираа дека поради добро познатите проблеми со коронавирусот, годинава нема да се организира Бадникова поворка, која традиционално се организира пред најголемиот верски празник Божиќ.