Луѓето, брзајќи да извадат меѓународна возачка дозвола пред да отпатуваат на одмор, го прават тоа најчесто на истото место каде што го вадат и зелениот картон, не знаејќи дека може да ја добијат и по пониска цена
Различни цени плаќаат граѓаните при вадење меѓународна возачка дозвола, така што оние што претходно нема добро да се информираат, ја преплатуваат за дури 250 денари.
Имено, цената на меѓународната дозвола се движи од 708 денари до 950 денари, во зависност од тоа каде ќе се извади.
Луѓето, брзајќи да го извадат овој документ пред да отпатуваат на одмор, го прават тоа најчесто на истото место каде што го вадат и зелениот картон, не знаејќи дека може да го добијат и по пониска цена.
Од МВР истакнуваат дека тие имаат доставено фиксна цена за овој документ, но дека станиците за технички преглед каде што се издаваат меѓународните возачки дозволи сами одлучуваат со колкава маржа ќе одат, па затоа и цената варира.
– Навистина е срамота да се плаќаат различни цени за иста работа. Бев да вадам меѓународна возачка дозвола и ми наплатија 950 денари. Претходната кога ја вадев платив 800 денари, но со оглед дека кај нас постојано поскапуваат работите, си помислив дека и таа услуга поскапела. Подоцна се сретнав со еден пријател кој ми рече дека и тој извадил меѓународна возачка дозвола и дека ја платил 700 денари. Не ми е јасно како може истиот документ различно да чини – вели Кочо М. од Скопје.
Тој додава дека државата треба да поведе повеќе сметка за оваа работа, односно да се изедначат цените на документите.
– Кога вадам пасош, возачка дозвола, извод, плаќам иста цена, без оглед дали го вадам во „Беко“ или во МРТВ. Зошто е различно со меѓународната возачка дозвола не ми е јасно – се жали соговорникот.
Од МВР информираат дека цената за вадење меѓународна возачка дозвола е фиксна, но станиците за технички преглед сами одредуваат колкава дополнителна заработка ќе остварат.
– Имаме понудено фиксна цена за меѓународната возачка дозвола, но секоја станица за технички преглед си додава дополнителна маржа и затоа цените не се исти – вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Некои граѓани не го ни вадат овој документ, ризикувајќи да бидат казнети од властите во земјите во кои патуваат.
Во согласност со договорите што ги има склучено Македонија со другите земји, не е потребно да се поседува меѓународна возачка дозвола кога се патува во Италија, Шпанија, Албанија, Србија, Црна Гора, БиХ и во СР Германија.
Меѓународна возачка дозвола не е потребна ниту за Хрватска, доколку лицето што влегло во земјата не се задржало подолго од една година. Ваква дозвола не е потребна ниту во Словенија.
Од друга страна, македонските граѓани ќе мора да поседуваат меѓународна возачка дозвола ако патуваат во Бугарија, Австрија, Унгарија, Романија, Белгија и Чешка.
Меѓународна дозвола е потребна и за Грција, додека во тек се преговорите за потпишување билатерални договори за признавање на дозволите со Косово, Турција и Велика Британија. Во тек е постапката и со Австралија и Нов Зеланд.
Инаку, за вадење меѓународна возачка дозвола е потребно да се пополни образец, да се достават две слики, лична карта и важечка возачка дозвола. Се издава веднаш на шалтерите, а важноста ѝ е три години, или ако важечката дозвола истекува порано, тогаш завршува и важноста на меѓународната возачка дозвола.