Актерката Сања Арсовска, која веќе две години како претседателка на Синдикатот за култура на Македонија гласно зборува за неправдите на вработените во културата, доби ветување од премиерот Зоран Заев дека по 15 години, ќе биде потпишан новиот колективен договор.
Многубројни протести на вработените во културата, како и најмасовниот марш што се одржа неодмана, дадоа резултат. Со овој договор треба да се исправат неправдите, како астрономските разлики во платите меѓу дејностите, потоа исплаќање теренски дневници и други надоместоци. Според Арсовска, ова е историска шанса вработените во културата да добијат подостоинствени и поправедно распределени примања. Таа забележува дека во општиот културолошки контекст реформите се движат бавно и без идејна стратегија, но вели дека има подемократска атмосфера, во која барем гласно може да се негодува за проблемите.
– Сакам да бидеме револуционери и да ги туркаме работите напред. Имаме репрезентативен синдикат кој со години беше втурнат на маргините, но со голема упорност и посветеност во последните две години успеавме да дојдеме до договор за нивелација на платите и сега да го потпишеме колективниот договор. Злоупотреби и ставање на личните интереси пред колективните имало и ќе има, но барем да се сведат на минимум – вели Арсовска, која во интервјуто директно и исцрпно одговори на прашања поврзани со болките во домашната културна политика.
Арсовска е вработена во Драмскиот театар. На пошироката јавност ѝ позната по детското шоу „5+ фамилија“ и по ТВ-серијата „Инсајдер“, но и по впечатливи улоги во театарот.