Верските аналитичари велат дека токму СПЦ со својата политика на оспорувања е главната причина што таа денес има проблеми не само со МПЦ-ОА туку и со Црногорската и со Романската црква
Српската православна црква (СПЦ) нема искрени намери за решавање на проблемите што ги има речиси со сите православни цркви во државите од Балканот и себеси се обидува да се претстави како жртва на дискриминација и прогон, особено во соседните земји, Македонија и Црна Гора. Ова, според верските аналитичари, е она што може да се заклучи од официјалното соопштение на Соборот на СПЦ, кој траеше од 11 до 18 мај годинава, во кое СПЦ се обидува да се претстави себеси како жртва, а државите создадени на просторот од нејзината некогашна јурисдикција ги нарекува „таканаречениот регион, односно државите настанати на урнатините од поранешна Југославија“.
– Тешка е состојбата на нашата автономна Охридска архиепископија во Република Северна Македонија, каде што засега нема директен прогон на Јован Вранишковски, на епископите, на монасите, но често им виси над глава можно ново судско гонење.
Нашата црква и понатаму, како и досега, е за дијалог со тамошната црква, која со децении функционира во раскол и се залага за решавање на проблемот на автентична канонска основа – пишува во соопштението до Соборот на СПЦ.
Во оваа насока, верските аналитичари велат дека токму СПЦ со својата политика на оспорувања е главната причина што таа денес има проблеми не само со Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), туку има проблеми и со Црногорската и со Романската црква.
– Сите тие проблеми долги години се провлекуваат токму поради немањето искреност за нивно решавање – додаваат аналитичарите.
На Соборот, српските владици ја донесоа и одлуката да се обнови дијалогот со МПЦ-ОА, во насока на решавање на статусот на нашата црква. Оваа одлука на СПЦ дојде во ист период кога и Вселенската патријаршија го стави македонското црковно прашање на дневен ред за разгледување и решавање.
Верските аналитичари додаваат и дека владиците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која само пред десетина дена одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување.
– Секоја одлука што ќе ја донесат македонските владици треба да биде јасна и прецизна, за да излезат достојни чувари на духовноста, изворната вистина и суштината на својата национална православна црква – додаваат аналитичарите.
Тие сметаат и дека МПЦ-ОА треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанца што може да ѝ го додели томосот за автокефалност. Велат и дека сега состојбите на политички план во Македонија изгледаат поинаку и постои поволна клима за решавање на долгогодишниот црковен проблем, особено по промената на името на државата, како и по завршувањето на претседателските избори во земјата.