Од Министерството за образование и наука велат дека во секое училиште има комисија што треба да го информира Министерството доколку има потреба од замена на некои книги
Почетокот на учебната година го проследија низа проблеми за учениците. Голем број од родителите реагираат дека нивните деца добиле мошне оштетени книги, од кои недостигаат по неколку страници. Но проблем не е само недостигот од четива, туку и тоа што учебниците освен што биле испокинати, биле доста ишарани, пополнети, извиткани, со искинати листови… Родителите велат дека нивните деца се доста исплашени за тоа како ќе успеат да учат од учебниците, но и се плашат за тоа товарот за оштетувањето на учебниците да не падне на нивниот грб.
– Ќерка ми доби очајно лоши учебници. Кога велам очајни, не мислам на тоа дека се ишарани со пенкала, туку мислам на недостигот од страници. Испокинати се учебниците, недостигаат цели четива внатре. Како да учи моето дете од нив? Кога дојде дома од училиште и кога ги извади учебниците да ги разгледа за да се запознае со тоа што ќе изучува годинава, останавме во шок. Почна дури и да плаче од страв да не ја обвинат неа дека ги искинала книгите – вели Валентина, мајка на девојче што посетува основно училиште.
Ова не е единствен ваков случај. Некои дури одлучиле да ги вратат учебниците и да бараат замена или, пак, да им купат нови учебници на децата.
– Ова што се случи е страшно. Да недостигаат страници од учебниците е недопустливо. Некој треба да седне и да ги прегледа учебниците што им се даваат на децата. Верувам дека како ги зеле на крајот на школската година, така и им ги даваат на децата. Очигледно никој не ги ни прегледал да види во каква состојба се. Треба да си бараат одговорност од учениците што успеале толку да ги упропастат книгите. Јас одлучив да ги вратиме учебниците. Ќе си побарам да си ги купам сама книгите, за да може моето дете да учи од нормална книга – револтирано реагира Сашо Трајановски, родител на дете што тргнало во петто одделение.
Наставниците, пак, велат дека се обидуваат да ги учат учениците да ги чуваат книгите, дека од нив треба да учат и други деца и оти затоа треба да траат подолго.
– Постојано ги учам децата дека треба да ги чуваат книгите. Грижата за туѓото секогаш треба да е поголема отколку за своето, токму затоа што предметот е туѓ. Но, очигледно тоа често не дава плод. Има многу ученици што внимаваат на книгите и ги враќаат во одлична состојба, но има и такви што не го прават тоа. На крајот на школската година, како што ги земаме книгите така јас ги проверувам. Доколку има проблем со некоја книга, веднаш алармирам до родителот и објаснувам дека за истата таа ќе мора да си сносат парична одговорност – вели наставничката во одделенска настава Кате К.
Од Министерството за образование и наука велат дека во секое училиште има комисија што треба да го информира Министерството доколку има потреба од замена на некои книги.
– Училиштата, поточно комисиите треба да се информираат за состојбата на книгите и да нѐ информираат нас, доколку има потреба од замена на некоја книга. Исто така, доколку констатирале каква било неправилност, треба да си побараат одговорност од учениците каде што биле книгите, односно да си уплатат за да набават нова книга – информираат од Министерството.
На сајтот на Министерството може да се видат и цените доколку некој ученик мора да плати за оштетен учебник.
Цените варираат во зависност од тоа за кој предмет и за кое одделение се учебниците. Како и да е, среќна околност за родителите чии деца не внимаваат на учебниците е тоа што цените не се баснословни. Најскапите се до 800 денари, додека најевтините се од 63, 45, 38 па дури и од 29 денари за книга.