Веќе втор ден граѓаните пазаруваат со ќесиња кои ги носат со себе, од дома, со торба или со количка. Ако заборавиле и немаат каде да ги стават купените продукти мораат да платат 15 денари за биоразградлива ќеса или 13 денари за хартиена.
На пазарите, пак, сликата е поинаква. Пазарџиите не ги наплаќаат ќесите и реагираат дека примената на овој закон најмногу ги погодил нив како продавачи.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека Законот предвидува прво укажување до трговците за отстранување на недостатоци во спроведување на законот. Доколку не ги отстранат ќе следуваат казни.
– Правилникот вчера излезе во Служебен весник. Инспекторите се на терен, деновиве се врши укажување до трговците, но и тие веќе се информирани како да постапуваат. Казни веднаш нема да има-посочуваат оттаму.
Целта на спроведувањето на Законот за управување со пакување и отпад од пакување е намалување на употребата на пластиката, развивање позитивни навики за користење торби за пазарење за повеќекратна употреба, согласно принципот дека загадувачот плаќа. Собраните средства треба да се реинвестираат во животна средина, односно во стимулација на еколошка амбалажа.
Законот забранува пуштање во употреба на пластични ќеси за носење на стоки на пазарот, како и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата. Со плаќање на надоместок од страна на корисниците, дозволени се биоразградливи ќеси кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични ќеси за носење на стоки (чијшто дебелина е пониска од 15 микрони).
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека казните се регулирани во Законот за управување со пакување и отпад од пакување (чл. 49 и чл. 50) и се поврзани со евиденцијата и пуштањето ќеси за носење стоки или пластично пакување за еднократна употреба се класифицирани во прва и втора категорија на прекршоци. Производителите на пластични ќеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.
Според законот глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра за микротрговци, од 18.000 до 20.000 евра за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице (според прекршочни санкции од прва категорија), доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените ќеси не ги пријавува кај стручниот орган.
Според прекршочни санкции од втора категорија, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку пушта на пазар пластични ќеси за носење стоки (спротивно на членот 10 кој забранува пуштање пластични ќеси во употреба), произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно барањата од членот 12 од овој закон.
Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека тие се задолжени контрола на надоместокот кој трговците ќе треба да го уплатат во посебен фонд по продажбата на биоразградливите ќеси.