Фото: Илустрација

Во рамките на процесот на интегрална евалуација, кој веќе неколку години се спроведува во македонските училишта, државните просветни инспектори деновиве ја скенираa работата на 160 училишта, по што ќе следува оценување. Со последниот извештај на инспекторите, квалитетот на воспитно-образовниот процес беше оценет со 2,77

Државните просветни инспектори деновиве комплетно ја проверуваат работата на училиштата, по што тие ќе бидат оценувани. Ова е дел од процесот на интегрална евалуација, кој веќе неколку години се спроведува во македонските училишта.
Кога се утврдува оценката за квалитетот на воспитно-образовниот процес во текот на интегралната евалуација, се поаѓа од индикаторите за квалитетот на работата во училиштата што се пропишани и донесени од страна на Министерството за образование и наука.

– Инспекторите минатата недела ја проверуваа работата на 15 училишта. Се следат седум подрачја, комплетно се проверува работата на училиштата. Според законот, едно училиште треба еднаш во три години да биде дел од овој процес. Во текот на една учебна година се скенира работата на вкупно 160 училишта – информираат во Просветниот инспекторат.

Инспекторите ги проверуваат наставниот план и програма, ги гледаат постигањата на учениците, ги следат учењето и наставата, како и поддршката на учениците, а се оценуваат и училишната клима и ресурсите и се скенира процесот на унапредување и раководење со училиштето. Се следи каков е наставниот процес, планирањата на наставниците, искуствата на учениците од учењето, како и тоа дали и колку се задоволуваат образовните потреби на учениците. Инспекторите ги интересира и какво е оценувањето како дел од наставата, како и известувањето за напредокот на учениците. Сето ова се оценува со „многу добро“, „добро“, „делумно задоволува“ и „не задоволува“.

Во согласност со последниот извештај на инспекторите, квалитетот на воспитно-образовниот процес е оценет со оценка 2,77. Во период од една учебна година биле направени евалуации во 161 училиште во државата, а од нив само шест биле оценети со највисоката оцена „многу добар“. Освен нив, вкупно 107 училишта добиле оценка 3, а дури 48 биле оценети со „делумно задоволува“. Според тој извештај, ниту едно училиште не е оценето со оцена „не задоволува“. Во него се наведени силните и слабите страни на училиштата.

Како слаби страни се наведени наодите дека училиштата не работат на подобрување на постигањата на учениците, нецелосно реализираат ученички екскурзии, а слободните часови и проектни активности не ги прошируваат знаењата на учениците.
Државниот просветен инспекторат дава препораки за училиштата, а раководството и училишните одбори ги следат дадените препораки и приоритети. Врз основа на тоа, поставуваат многу пореални цели за развој на работата и подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес.