Донацијата на 48 специјални колички за деца во Македонија од страна на амбасадата на Израел, беше претставена на денешната заедничка прес-конференција на израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан, Министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Универзитетската клиника за детски болести Катерина Ставриќ, во Детската клиника во Скопје. Донацијата беше предадена на Меѓународниот ден на лицата со попречености.
– Соработката помеѓу Израел и Македонија расте и многу сум среќен, особено неделава, кога сите Евреи го слават празникот на светлината Ханука, бидејќи можеме да донесеме малку светлина на оние на кои им е потребна. Ова е уште една мала инспирација што доаѓа од Израел и сигурен сум дека соработката во здравството ќе расте брзо. Има многу што може да научиме едни од други и сакаме партнерството да биде многу посилно – истакна израелскиот амбасадор Оријан, кој ја посети Детската клиника заедно со кошаркарската легенда Тал Броди, кој е амбасадор на добра волја на Израел.
Министерот Филипче посочи дека е направена прераспределба на количките низ повеќе институции во државава.
– Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележуваме со убав гест од страна на израелската амбасада. Тоа е донација на специјални колички за деца со физички хендикеп кои се специјално дизајнирани и димензионирани да бидат лесни за употреба и да се практични, особено за движење низ болничките установи. Направивме прераспределба на 48-те колички низ повеќе институции во државата каде што се лечат деца и каде што сметаме дека со оваа донација значително ќе се подобри функционирањето и пристапот – кажа Филипче, најавувајќи потпишување на договор за соработка помеѓу Министерството за здравство, амбасадата на Израел и на израелската компанија што ќе работи на обука на македонските доктори и медицински сестри во областа на итната помош.
Директорката на Универзитетската клиника за детски болести изрази благодарност за донацијата.
– Голема благодарност до израелската амбасада за оваа донација, која што е добредојдена. Детската клиника доби пет колички, од кои решивме да подариме една на семејство со дете кое има церебрална парализа, сметајќи дека ќе им помогне на родителите и на детето. Количките ќе бидат олеснување за родителите, бидејќи децата со попреченост ќе бидат полесно подвижни низ болничките соби и ходници – порача Ставриќ. М.Ж.