Крива Река и Пчиња се излеаја во неколку села поради зголемените врнежи од дожд, информираа денеска надлежните од РЦУК Куманово и од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, чии екипи веќе неколку дена ги санираат критичните точки по течението на двете реки.
Земјоделски обработливи површини, викенд куќи и помошни простории се поплавени во селата Јачинце, Клечовце, Довезенце и Пчиња. Реката Пчиња се излеа и на игралиште во селото Пчиња, како и на земјоделско земјиште на потегот на Пчиња кон Студена Бара.
Во кривопаланечкиот регион зголемено е нивото на Крива Река која се излеа на критичните места на потегот од Бељаковце до Довезенце, Јачинце и Клечовце.
Надлежните екипи ги отстраниле дрвјата и гранките со што е овозможен е проток на водата. Забележано е и излевање на реките и во Старо Нагоричане. Зголемено е и количеството на вода на река Петрошница, а зафатен е и макадамскиот пат кон село Макреш. РЦУК Куманово информира дека е договорено да се излезе на терен со механизација.
И Пчиња се излеа и зафати делови од обработливо земјиште на потегот помеѓу селата Пчиња и Студена Бара, па екипите од водостопанство интервенирале и таму.
Засега, стабилни се реките во урбаните средини, Кумановка, Липковка и Којнарка, според подароците на РЦУК Куманово и на водостопнаство „Кумановско липковско поле“. Кризниот штаб на Куманово препорача на водостопанското претпријатие да интервенира со механизација на критичните точки во Кумановско, а формираше и комисија за проценка на штети.