Ако биде именувана, Кејт Мери Брнс ќе биде осмиот амбасадор на САД во земјава и ова би било нејзина прва позиција како амбасадорка, а својот мандат во Скопје треба да го почне најрано од крајот на јануари 2019 година
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја номинира Кејт Мери Брнс за идна амбасадорка во Македонија. Како што стои на официјалната веб-страница на Бела куќа, таа е дипломатка со повеќе од 20 години кариера од највисок ранг, а во моментов ѝ завршува функцијата заменичка на американскиот амбасадор во Атина, Грција.
Кејт Мари Брнс, која по потекло е од Флорида, е дипломатка со големо искуство во меѓународните односи. Во нејзината професионална кариера во минатото, таа била заменик-шефица на мисијата и заменик-постојана претставничка во мисијата на САД во седиштето на ОБСЕ во Виена. Во својата богата дипломатска кариера, Брнс работела и во американската амбасада во Мадрид, Шпанија, од каде што потоа била распоредена на дипломатски задачи во Авганистан и во седиштето на НАТО во Брисел. Брнс течно зборува шпански, унгарски и турски јазик. Новата американска амбасадорка во земјава има дипломирано и магистрирано на Универзитетот во Џорџтаун. Таа исто така е одликувана со орденот за експедициска служба, како и со орденот за посебни воени заслуги во надворешните мисии на САД.
Веста за нејзиното номинирање, освен што е објавена на официјалната страница на Белата куќа, ја сподели и актуелниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли на својот профил на социјалната мрежа Твитер.
Според она што е достапно од соопштението на Белата куќа, именувањето на Брнс треба да биде одобрено во Сенатот. Ако биде именувана, таа ќе биде осмиот амбасадор на САД во земјава и ова би било нејзина прва позиција како амбасадорка, а својот мандат во Скопје треба да го почне најрано од крајот на јануари 2019 година. Брнс доаѓа на местото на досегашниот американски докажан амбасадор во земјава Џес Бејли, кој оваа функција ја извршуваше во земјава од 2014 година, по заминувањето на Пол Волерс од Скопје.