Лидерите на политичките парти на вчерашната средба кај претседателот Стево Пендаровски се согласија дека парламентарните избори закажани за 12 април треба да бидат одложени. Приоритет во актуелната ситуација со коронавирусот, како што рекоа, треба да бидат животите и здравјето на граѓаните. Нов датум за одржување на изборите не беше утврден, а според објавеното, кај лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, има несогласувања за тоа дали, поради секојдневниот пораст на бројот на заразените од коронавирусот, треба да се прогласи вонредна или кризна состојба на целата државна територија.
Заев изјави дека му дале право на шефот на државата со експертски тим да најде решение за одложување на изборите и за закажување нов термин за избори.
– Сега, кога имаме заеднички непријател во коронавирусот, не е време за избори. Во согласност со анализите и проекциите за економските проекции, подготвуваме сет за помош и мерки. Ја отворив потребата од воведување вонредна состојба, за да може поефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните. Верувам дека можеме да успееме и да се избориме со овој предизвик. Важно е сите да останат посветени за заштита од заразата. Му дадовме право на претседателот на државата да свика експертска група за да најде правни модалитети за одложување на изборите. Верувам дека ќе се најдат правни формулации со кои ќе се одложат и повторно закажат изборите и дека ќе се воведе вонредна состојба – рече Заев.
Мицкоски, пак, инсистирал решението да биде такво што изборите ќе се одложат без повторно да се свикува Собранието.
– Дебата на лидерската средба се разви за тоа како да се најде решение за правната дилема за одложувањето на изборите. Имаше неуставни предлози, но нашиот став е веднаш по лидерската средба да се формира експертски тим, кој ќе најде решение за одложувањето во рамките на Уставот. Овој тим да одлучи како ќе се одложат изборите, а не да се свикува парламентот. Втората дилема беше за прогласување вонредна состојба. Укажавме дека вонредната состојба, која се прогласува на целата територија на државата, не е регулирана со закон и не знаеме што ќе предизвика. Додека кризната состојба е пропишана со закон. ВМРО-ДПМНЕ е првин да се прогласи кризна состојба, а потоа да се види како ќе се одвиваат настаните со пандемијата на коронавирусот – објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата присуствуваа и лидерите на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, и на Движењето БЕСА, Билал Касами. Во име на ДУИ, на состанокот присуствуваа Бујар Османи и Изет Меџити, а од ДПА учествуваа Орхан Ибраими и Фримзим Даути. Беа присутни и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на Владата, Оливер Спасовски.
Од претседателскиот кабинет соопштија дека Пендаровски веднаш свикал состанок со, како што се вели, истакнати правни експерти за да се најде правен модалитет за одложување на изборите. Средбата требаше да се одржи вчера попладне во вилата „Водно“, а на неа беа поканети професорите Рената Дескоска, Гордана Силјановска-Давкова, Денис Прешова, Татјана Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Светомир Шкариќ и Александар Спасов. На средбата требаше да присуствуваат и претседателите на Собранието и на Владата, Џафери и Спасовски.