Аџилакот се одржува еднаш годишно во Мека и Медина, најсветото место за муслиманите. Секој возрасен муслиман што е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот. Истовремено, тоа е и најголемиот собир на луѓе во светот, на кој присуствуваат повеќе милиони верници
Повеќе од 800 муслимански верници следниот месец годинава ќе ја посетат Саудиска Арабија и ќе ја добијат титулата хаџи. Таму муслиманите ќе го слават и празникот Курбан-бајрам, кој годинава ќе се обележува на 11 август. Муслиманите од Македонија за светите места во Мека и Медина ќе тргнат на 30 и 31 јули годинава, а ќе се вратат на 26 и 27 август 2019 година. Превозот ќе се одвива исклучиво по авионски пат, за разлика од минатото, кога половина од пријавените муслимани оделе со автобуски превоз. Причините за тоа, како што велат од Исламската верска заедница во земјава, се воените состојби што се случуваат во околните земји.
Од втората по големина верска заедница во државата велат дека до крајот на месецот очекуваат да се пријават уште кандидати.
– Потоа веднаш ќе пристапиме кон реализација на сите пропишани процедури за патувањето – додаваат од ИВЗ.
Аџилакот се одржува еднаш годишно во Мека и Медина, најсветото место за муслиманите.
Секој возрасен муслиман што е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот.
Истовремено, тоа е и најголемиот собир на луѓе во светот, на кој присуствуваат повеќе милиони верници.
Секој аџија треба седум пати во обратен правец од стрелките на часовникот да ја заобиколи Ќаба, зградата во облик на коцка, која е свето место за муслиманите, треба да го целива „црниот камен“ на аголот на Ќаба, седум пати да го помине патот помеѓу двете планини Аш Шафа и Ал Марвах, да се напие вода од изворот Замзам, да оди на рамнините на планината Арафат, да бдее стоејќи и да фрла камења во ритуалното каменување на ѓаволот. По завршувањето на овие ритуали, аџиите се бричат, изведуваат ритуал на животинска жртва и го слават четиридневниот фестивал на жртвата.
Според ИВЗ, најголемата духовна моќ на аџилакот го прави тоа така што милиони луѓе од целиот свет, независно од расата и социјалниот статус, се облечени во две парчиња бела ткаенина, слична на таа со која се погребуваат муслиманите.
Според Законот за верски заедници, ИВЗ е единствената легитимна верска заедница што може да испраќа лица на аџилак, а државата може да обезбеди излезни визи за Саудиска Арабија, но само во согласност со верската заедница.
Од ИВЗ велат дека цената што треба да ја плати секој од идните аџии за посетата на Мека и Медина изнесува 4.400 евра, во која се вклучени авионскиот превоз, визите, административните процедури за добивање излезни виза, вакцинирањето и здравствената заштита во текот на патувањето, повратните билети со авион, престојот во хотелите, престој во шаторите во Арафат и Мина, храната во текот на престојот во хотелите, Ихрамот и Курбанот, сите такси предвидени за аџилакот.
Изминатите години во јавноста се дигна голема прашина околу цената што ИВЗ ја наплаќа за аџилак.
Оттаму истакнуваат дека не се наплаќаат ниту излезните визи, ниту визите за аџилак во Саудиска Арабија, туку дека тие се бесплатни, но се наплаќа во делот на административните процедури за да се добијат овие визи.
– Во услугите спаѓа организирање на целиот верски обред, треба да се платат и луѓето што ги предводат групите на аџии, ИВЗ е задолжена да ја организира и да ја спроведе целата постапка, од добивањето на визите до преземањето на пасошите, транспортот, како внатрешниот така и надвор од земјава. Трошоци има и за таксите што се плаќаат на влезот во Саудиска Арабија. Постапката за организирање на целиот верски обред е според законите и транспарентна -објаснуваат од ИВЗ.
Православен аџилак во Ерусалим
Православните верници од Македонија исто така одат на аџилак во Светата земја за нив, Израел, каде што го посетуваат Ерусалим и уште неколку свети места. Тоа обично го прават по најголемиот христијански празник Велигден. Оние што сакаат љубопитно да нурнат во духовност и спокој, како и да откријат нови тајни од историјата на православниот живот, пак, ги избираат како летни дестинации Острошкиот манастир во Црна Гора и Рилскиот манастир во Бугарија. Ништо помалку не се посетуваат и местата низ земјава, особено поголемите манастирски комплекси, како Бигорскиот манастир, Лесновскиот, Осоговскиот, манастирот „Свети Наум“, манастирите во Зрзе и Трескавец.