Фото: Игор Бансколиев

Манифестацијата „Недела на заедничката молитва“, која ја организира Комисијата за односи со верските заедници и на која се поканети претставници на 36 верски заедници во државата, ќе помине без учество на Исламската верска заедница

Комисијата за односи со верските заедници ја организира првата недела на заедничка молитва, настан што треба да биде во функција на јакнење на меѓуверската кохезија во државата, но без учество на Исламската верска заедница. Втората најголема верска институција ја бојкотира работата на комисијата, по последните случувања што ги имаше на релација со државата. Иако добиле покана за активно учество во програмата, сепак тие одбиле да партиципираат во настаните со свои претставници.

На манифестацијата ќе бидат присутни сите цркви, верски заедници и религиозни групи, кои се регистрирани во земјава според Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, кој наедно е и организатор на настанот „Недела на заедничката молитва“ вели дека на сите настани се поканети и добредојдени со свои претставници сите 36 верски заедници во државата.

– Верските заедници треба да се пример за подавање рака и градење мостови во општеството. Овие настани само ја истакнуваат нивната кохезивна улога и сила – додава Сотировски.
Од Исламската верска заедница во земјава веќе најавија дека нема да соработуваат со државните институции и со Владата, поради односот што го имаат кон нив, а особено по одлуката на надлежниот суд за промена на првиот човек на ИВЗ, врз основа на поднесена документација до судот. Оттаму истакнаа дека сѐ уште нема атмосфера и услови во државата да учествуваат во таков проект што го организира Комисијата за односи со верските заедници, особено поради нивните барања кон оваа државна институција и Владата, кои со години не се исполнети.

– Потсетуваме дека ИВЗ со години има отворени прашања, како што е постапката за денационализација на вакувскиот имот, нерешените статуси на Јени-џамијата во Битола, Хусамедиун-џамијата во Штип, реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, изградба на џамија во селото Лажец, Битола. Сме посочувале и да се прекине дискриминирачкиот статус кон нас како верска заедница и да престанат разновидните провокации – истакнуваат од ИВЗ.

Истакнуваат дека кога ќе се решат сите овие барања, тогаш ќе се создаде атмосфера за заеднички проекти, каде што ИВЗ активно и сериозно ќе биде вклучена, давајќи свој придонес.

Инаку, во периодот за превласт во ИВЗ, кој се случуваше пред половина месец, реисот Сулејман Реџепи, поглаварот на оваа заедница, посочи дека во целата ситуација се вмешани директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, како и заменик-директорот на комисијата, Зеко Абази, како и дека ИВЗ одбива во иднина да соработува со овој државен орган.


Прв настан за меѓуверска кохезија

По повод Светскиот ден на културната разноликост, дијалог и развој на 21 мај, во период од 13 до 21 мај годинава, Комисијата за односи со верските заедници ја реализира манифестацијата „Недела на заедничка молитва“. Ќе бидат одржани повеќе настани во неколку града, како Скопје, Куманово, Битола, Гевгелија, кои имаат цел да ги поттикнат соработката и дијалогот меѓу верските заедници, за стабилен и одржлив процес за градење доверба и пријателство. Во Битола ќе се одржи заедничка посета на верски храмови, во Гевгелија ќе има заедничка посета на прифатниот центар за мигранти. Во Скопје, претставници на верските заедници и на верските образовни институции заеднички ќе засадат дрвца во Градскиот парк како симбол на заедничката грижа за животната средина. Во Куманово ќе има заедничка хуманитарна акција со посета на социјално ранливи семејства. На крајот, во скопската општина Шуто Оризари ќе се одржи заеднички појадок со социјално ранливи категории.

[email protected]