Кабинетот на претседателот во заминување, Ѓорге Иванов и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) оставриле комуникација за тоа колкав буџет му следува по завршување на мандатот, потврди портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.
-СОЗР има одговор дека висината е 8 отсто од годишниот буџет предвиден за институцијата Претседател на Република Северна Македонија и дека во рамките на тој буџет треба да поднесат барање до СОЗР и барање за деловни простори- изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
-До вчера во СОЗР вакво барање не пристигнало, само имало комуникација меѓу кабинетот и Службата за општи и заеднички работи- додаде Бошњаковски.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.