Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија на својата конститутивна седница одржана вчера, со автентично толкување на Статутот на организацијата, го прогласи Младен Чадиковски за легитимно избран претседател, со мнозинство гласови од редовните членови присутни во моментот на гласањето.
– На конститутивната седница присуствуваа сите членови на Управниот одбор и сите одлуки беа донесени едногласно. Одлуката за потврдување на легитимноста на изборот на претседател на ЗНМ се донесе со консензус на сите членови на Управниот одбор, додека претседателот Младен Чадиковски се иззема од гласањето. На седницата беше предложена и едногласно избрана Фиљана Кока за заменик претседател на Здружението на новинарите на Македонија – информира денеска ЗНМ.
Управниот одбор констатирал дека за време на одржувањето на Собранието не бил пристигнат ниту еден приговор за процесот на гласање од страна на присутните членови, ниту од страна на членовите на Верификационата и Изборната комисија. Сите засегнати страни кои што имаат било каков сомнеж во однос на изборната процедура, како што велат од ЗНМ, можат да ги употребат достапните правни лекови.
– Управниот одбор повикува на консолидација на членовите со цел да се одржи достоинството и единството како клучни принципи за заштита на интересите на сите членови на ЗНМ. Управниот одбор констатираше дека за сите различни мислења е потребен зајакнат и институционализиран форум за дебата, со оглед на фактот дека и двајцата кандидати за претседател своите програми ги темелеа на поголема вклученост на членството во работата на Здружението преку предложени секции. УО предлага да се разговара со сите засегнати групи во еснафот и формирање секции кои ќе ги претставуваат интересите на тие специфични групи – велат од ЗНМ.
Изборното собрание на ЗНМ се одржа во саботата, а во трката за претседател беа Чадиковски и Столе Наумов.