Образовните програми да бидат прилагодени за потребите на лицата со дислексија (состојба која предизвикува потешкотија во читањето и интерпретирањето на зборовите, буквите и други симболи, но не влијае врз интелегенцијата) и таа да биде законски уредена, бараат од Здружението за дислексија „Ајнштајн“.
– Кај нас постои класичен тип образование, кој никаде во светот не се применува кога се работи за дислексичарите. Најмногу треба да се покаже ангажираност од страна на институциите во креирање образовни програми кои ќе бидат прилагодени на лицата со дислексија. Најважно од се е да има обука на наставниот кадар за дислексија. Во последно време добиваме поддршка за проектите, но никакви одлуки не се донесени ниту од министерството, ниту од Бирото за развој на образованието, истакна претседателот на Здружението, Дамјан Николовски пред почетокот на конференцијата „Дали македонското општество е подготвено да ги прифати потребите на дислексичарите?
Тој упати апел до институциите дека за да се креира едно инклузивно општество за дислексичарите мора да бидат консултирани експертите за дислексија кои постојат во Република Македонија и здруженијата како еден од најважните фактори за оваа состојба во нашата држава, затоа што, како што посочи, има обиди на министерствата и на Бирото за развој на образование да креираат некои обуки за дислексија, но во сето тоа не постои доволна стручност односно не се консултирани експертите и стручните лица за дислексија.
– Во Велика Британија на пример дислексијата е уредена и во законите за основно, средно и високо образование. Кај нас во ниту еден закон дислексијата како посебна состојба не е вклучена. Лицата со дислексија во развиените држави не се третираат како лица со посебни потреби. Кај нас тие се поистоветуваат со лица со посебни потреби. Во Македонија бројот на лица со дислексија изнесува од 20.000 до 30.000, додаде Николовски.
Директорот на Законот за рехабилитација на слух, говор и глас, Силвана Филипова рече дека вршат детекција, дијагностика и третман на сите видови на патологија во вербалната комуниакција кај деца и возрасни, вклучувајќи ги и лицата со дислексија.
Посочи дека работат на рано откривање на дислексијата, тоа го прават преку систематските прегледи според програма од Министерството за здравство со која се опфатени околу 2.000 деца во предучилишна возраст, што, според неа, е многу малку.
– Раната детекција ја правиме и преку третман кај децата кои доаѓаат кај нас со задоцнет говорно јазичен развој. Гледаме дали се присутни симптомите кои можат да ни укажат на можна појава на дислексија на училишна возраст. Работиме на дијагностика на дислексијата. Проблем е што децата многу доцна се јавуваат за дијагностика, некаде во второ, трето одделение. Тимски се поставува дијагностиката, се спроведува психолошко, невролошко испитување, испитување од ОРЛ лекар, проценка на психомоториката, на фонолошката свесност, на јазичната развиеност и врз основа на тоа се планира третманот. Кај нас логопедите се обучени за примена на повеќе методи, додаде Филипова.