Фото: Игор Бансколиев

ПО СТРАВУВАЊАТА ЗА НОВ ГОЛЕМ МИГРАНТСКИ БРАН

 

Колку домашните институции и органи се подготвуваат за справување со евентуален нов бран на бегалци и мигранти и каква ќе биде македонската стратегија по случувањата близу нашите граници, каде што огромна бројка мигранти се обидуваат од Турција, преку Балканот, да навлезат во Европа?
Овие дилеми се актуелни во домашната јавност по сериозните импликации што доаѓаат од соседството дека е можно да се случи нова епизода на кризата од 2015 година, кога Македонија беше силно погодена од бегалската криза.
Во меѓувреме, Македонија е меѓу првите земји на т.н. балканска маршрута, која беше активна и за време на бегалската криза што беше затворена точно пред четири години, во март 2016 година.

Во сумблимиран заклучок, надлежните служби тврдат дека државата и институциите се подготвени да реагираат и навремено да дејствуваат и да се справат со можните случувања.
Во изјава за „Нова Македонија“ од Владата велат дека државата веќе од одлучила да ја засили безбедноста на јужната граница.
– Зголемен е бројот на припадници на полицијата и на армијата распоредени на делот кон Грција, а потврдени се и оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на натамошен раст на бројот на мигранти – информираат од Владата.
Оттаму додаваат дека овие се мерките што ги одредил вчера Комитетот за управување со кризи.
На состанокот се разгледувала актуелната состојба и се одредувале мерките што треба да се преземат за справување со евентуален нов бран мигранти.
Поради претходните искуства со бегалските кризи, државата веќе има воспоставено систем што е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои Македонија би се соочиле како транзитна земја и дека и во 2019 година е продолжена кризната состојба на јужната граница, а според таа одлука, сите институции што имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници се обврзани да ги засилуваат своето присуство и ангажман.

Од Владата додаваат дека властите во земјата внимателно ја следат ситуацијата и се во постојана комуникација со партнерите од НАТО и од ЕУ.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека засега нема очекувања оти може да дојдеме во ситуација на зголемен мигрантски бран.
Според него, системот за добро справување со евентуално миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуално зголемен број мигранти.
– Ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на маршрутата, односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија, може само да транзитираат или да се донесе привремен престој до 72 часа – рече Спасовски.

Премиерот информира дека изутрината управувачкиот комитет на седница разговарал подетално за оваа состојба, како и дека службите следат и на дневна основа информираат, а соработката со државите од опкружувањето во овој регион е добра и со нив има постојана комуникација.
– Очекувам дека договорот помеѓу ЕУ и Турција ќе продолжи понатаму да функционира и да се реализира и заеднички ќе имаме можност добро да ја имплементираме целата оваа кризна состојба – наведе Спасовски.
Тој истакна дека државниот систем за справување со можните состојби функционира.
– МВР, министерствата за труд и социјална политика и за одбрана, заедно со армијата на државата, сите заедно сме насочени максимално посветени во однос на справување со евентуален зголемен број мигранти иако сега процените се дека нема да има таква состојба – рече Спасовски.
Сашко Коцев, директорот на Центарот на регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци во Скопје (МАРРИ), во изјава за „Нова Македонија“ истакнува дека Македонија е подготвена за евентуална разврска на случувањата во нашиот регион поврзани со можен наплив на мигранти и бегалци кон нашата држава.

Владата одлучи да ја засили безбедноста на јужната граница – Фото: Игор Бансколиев

Коцев објаснува дека сега, за разлика од 2015 година, кога првпат се случи бегалската криза, Македонија има изградено многу подобри човечки и материјални капацитети.
– Нашите полициски структури подобро се опремени и обучени за справување со можното сценарио, а притоа нашето МВР е поддржано од уште осум други полициски служби што се распоредени по должината на нашите граници – вели Коцев.
Според директорот, освен тоа, и капацитетите за привремено задржување на овие луѓе се подобрени во земјата, па во одреден момент за краткотрајни намени ние можеме да задржиме на престој максимално 2.000 луѓе, и тоа 1.500 во прифатниот центар на нашата јужна граница и 500 други лица на северната граница.
– Сакам да додадам дека нема потреба за никаква паника и вознемирување, состојбите се следат и навремено државата може да даде соодветен одговор на случувањата. Дополнително мора да се знае дека Македонија и за време на мигрантската криза, но и сега, е само земја што е транзитна, а овие луѓе својата крајна дестинација ја гледаат во државите од ЕУ – резимира Коцев.

Директорот, пак, на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, вчера изјави дека состојбите се следат внимателно и сите мерки што ќе бидат потребни ќе бидат преземени во време кога треба. Буџаку истакнал дека балканската маршрута нема да се отвори, а како ќе се постапува понатаму зависи од политиката на Европската Унија и од турскиот претседател, но нашата држава во секој случај треба да биде подготвена.
Слична констатација изнесе и МВР, кое пак информира дека состојбата на нашата јужна граница е непроменета но стабилна.
– Полицијата постојано е присутна и подготвена, а граѓаните немаат никаква причина за загриженост – соопштија од Министерството за внатрешни работи.


Може ли да се повтори 2015 година?

Приближно половина милион лица според официјални извори, а двојно повеќе од неофицијални извори, транзитираа низ Македонија за време на бегалската криза што активно се одвиваше во земјата во 2015 и 2016 година.
Според официјалните статистики на државата, во овој период беа регистрирани случаи кога меѓу пет и десет илјади бегалци и мигранти дневно минуваа низ нашите граничните премини.

Според официјалните статистики, објавени од страна на Парламентарниот институт на Македонија, не сите што транзитираа низ нашата држава за време на кризата беа бегалци што потекнуваа од држави зафатени од војна (Сирија, Ирак и Авганистан), односно голем дел од луѓето што минуваа низ Македонија потекнуваше од држави како Пакистан, Индија, Иран, Египет, Алжир, Нигерија, Конго, Еритреја, Либан, Мароко и други.

Во текстот на Парламентарниот институт стои дека најмногу мигранти и бегалци што минале низ земјата биле забележени во октомври 2015 година, кога МВР регистрирало точно 48.599 лица.
Во меѓувреме, од времето на кризата досега, Владата донесе одлука за постоење на кризна состојба на нашите јужни и северни граници, а потоа истата таа во неколку наврати ја продолжуваше, и таа е активна и денеска.
Од друга страна, иако имаше најави дека Европската Унија ќе ја ублажи финансиската штета од бегалската криза што ја претрпе нашата држава голем дел од ветувањата не беше исполнет. Сепак најголема финансиска поддршка во овој период од 200.000 евра доби Црвениот крст на Македонија.

 


Фронтекс прогнозира ескалација на состојбите

Фронтекс очекува на границата меѓу Турција и Грција да дојде до влошување на ситуацијата поради „масовниот прилив на мигранти“. Ова се наведува во интерниот-извештај на Европската агенција за заштита на границите, во кој увид имал германскиот весник „Билд“.
– Ќе биде тешко да се запре масовниот прилив на луѓе што тргнале на пат – пишува во извештајот на Фронтекс.

[email protected]