Последните бројки на Европската Канцеларија за азил, ЕАСО, покажуваат дека државјаните на Северна Македонија се меѓу оние кои најчесто продолжуваат да поднесуваат барања за азил, дури и откако се одбиени, јави дописничката на МИА од Брисел.
Генерално, ЕАСО констатира зголемување од 21 отсто на барањата на азил во земјите на ЕУ плус Норвешка и Швајцарија (ЕУ+) во текот на јануари оваа година во однос на претходниот месец и зголемување од девет отсто во однос на јануари 2018 година.
Во текот на јануари поднесени се вкупно 58.609 барања за меѓународна заштита во ЕУ, што е повеќе од било кој месец во 2018 година, информира ЕАСО. Најголем број барања доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан.
Но, не изостануваат ни барањата од Северна Македонија.
Во јануари 2019, поднесени се 628 барања за меѓународна заштита од страна на македонски граѓани, а речиси половина од овие се повторени барања. Со ова Северна Македонија, заедно со Србија се меѓу првите земји чии државјани поднесуваат барања за азил во повеќе наврати, дури и откако биле одбиени.
-Некои државјани имаат тенденција почесто да поднесуваат повторно барања, таков е случајот, на пример, со граѓаните од Северна Македонија и Србија, каде речиси половина од апликациите се повторени. Најчесто концентрацијата на повторени барања се највисоки кај државјаните од земјите од западниот Балкан – се наведува во соопштението на европската канцеларија за азил.
Северна Македонија бележи значаен раст на барањата за азил во јануари 2019, поголем број барања од нашата земја имало во април и март 2017 година.
Од ЕАСО не ги коментираат причините за оваа ситуација, но важно е да се напомене дека во огромно мнозинство случаи, барањата за азил од Македонија се одбиваат бидејќи земјата се смета за безбедна. Од 628 поднесени барања во јануари, 539 се одбиени, а стапката на одобрување на апликациите е еден отсто.
Во регионот, најмногу барања за меѓународна заштита во ЕУ, Швајцарија и Норвешка доаѓаат од Албанија. Само во јануари 2019, над две илјади лица од Албанија побарале азил во ЕУ+, од кои дури 1.812 се први барања, а над 1.700 се одбиени.
Србија, исто така, бележи раст на овие апликации во јануари, со 897 барања, што е една од највисоките стапки за оваа земја од крајот на 2017 година.
Во топ десет на барањата за азил во ЕУ+ се наоѓаат Пакистан, Иран, Нигерија, Турција, Венецуела, Албанија и Грузија. Најзначајното зголемување се однесува на државјаните од Венецуела и Нигерија.