Темата за справувањето со мигрантите, кои би се упатиле кон Западен Балкан, а со тоа и кон Македонија, по некакво затишје повторно се актуализира. По најновото предупредување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ЕУ не го исполнува договорено по прашањето за сириските бегалци, во јавноста повторно се отвори прашањето дали претстои нов мигрантски бран кон Европа од кој би можела да биде зафатена и земјава. Имено, претседателот Ердоган, наведувајќи дека Унијата не ја доставува потребната помош за таканаречена безбедносна зона, по должината на границата со Сирија, се закани дека „ќе ги отвори портите“ и ќе дозволи сириските бегалци од тој дел, кои во Турција ги има околу 3 и пол милиони, да ја напуштат земјата и да се упатат кон западноевропските земји.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски како загрижувачки ги оценува сите овие информации и смета дека е очигледно оти на глобалната сцена повторно се крчка нешто со мигрантите и бегалците. Тој советува надлежните во земјава, во соработка со меѓународните партнери и припадници на Фронтекс, кои веќе се присутни во Македонија, подготвено да реагираат на истиот начин како што земјата реагираше во 2015-та во екот на бегалската и мигрантска криза.
– Во овој момент Македонија мора да постапува како сите други европски земји што се соочуваат со овие заканувања. Во целост мораме да бидеме внимателни бидејќи можеме да се соочиме со уште поголема бројка од онаа што ја доживеавме доколку ова сценарио се спроведе, кое засега мислам е нереално. Херметичкото затворање на границите и следењето на политиката на соседите ќе бидат клучни во справување со последната ситуација во целост – вели Стефановски.
Безбедносниот експерт заклучува дека ние не треба ништо поинаку да се однесуваме од сите, бидејќи, според него, не е можно ниедна земја посебно да ја реши ситуацијата самостојно, бидејќи тоа е глобален проблем и оттука глобално треба да се следи ситуацијата и да се преземаат заеднички мерки какви што всушност презема Фронтекс.
Инаку, Турција и ЕУ во 2016 потпишаа договор, кој предвидува враќање во Турција на оние мигранти што нелегално влегле во Грција, во замена за финансиска помош од 6 милијарди евра за Анкара.
Во меѓувреме стигна и одговорот од Брисел на обвинувањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ЕУ не го исполнува договореното по прашањето за сириските бегалци.
Наташа Берто, портпаролка на ЕК, викендов изјави дека и Унијата и Турција го почитуваат договорот за бегалците и оти „двете страни остануваат посветени на спроведување на договореното“. Таа притоа повтори дека ЕУ досега на Турција ѝ дала 5,6 милијарди евра како помош и поддршка за справување со бегалците и оти останува да се исплатат уште 400 милиони, односно да се оствари договорената помош од 6 милијарди евра. Но од минатиот месец постојано расте бројот на пристигнувања на мигранти во соседна Грција. Пред една недела пристигнаа повеќе од десетина чамци со 600 луѓе, што е првото такво групно доаѓање во последниве три години, пренесуваат грчките медиуми. Во таа насока грчката влада неодамна објави итни мерки, откако почна да расте бројот на бротчиња со мигранти што пристигнуваат на грчките острови. Масовниот прилив на мигранти во последниве неколку недели придонесе за поголем број конфликти во бегалските кампови. Атина реши да ги забрза процедурите за азил, а планира и да го намали бројот на мигранти во камповите на грчките острови со тоа што ќе ги пренесе на копнениот дел од Грција. Паралелно на сево ова, исто така, се најавени поинтензивни гранични патроли во соработка со агенцијата за контрола на границите на ЕУ, Фронтекс.
Претходно, Јоргос Кумуцакос, заменик-министер за цивилна заштита, кој е надлежен и за миграциската политика на Грција, изјави дека проблемот со миграцијата е надвор од можностите на Грција да се справи сама. Неговите забелешки дојдоа откако деновиве со над десетина бротчиња на пристаништата на островите Лезбос и Хиос во источна Грција стигнаа неколку стотици мигранти. Според најновите статистички податоци, вкупниот број бегалци заглавени на островите Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос е околу 22.700, а бегалските кампови на овие острови се целосно исполнети.