Фото: Маја Јаневска-Илиева

Транспарентноста во Македонија во 2018 година за трошење на народните пари сѐ уште била на ниско ниво, при што во голема мера недостига и активно објавување на информациите за што се потрошени средствата

Секоја власт секаде во светот практикува да троши, но ретко која сака во детали да дава отчет како и на што ги троши народните пари. Се разбира, исклучок од оваа констатација не е ниту Македонија. Предизборните заложби на социјалдемократите со кои се обврзаа дека Владата преку транспарентност, очетност, но и со интернет-механизми ќе се врши контрола на јавните пари и ќе се обезбеди целосен увид во работата на сите институции што користат државни пари од обичен службеник, па до највисоките државни позиции, деновиве подлежат на критики во јавноста. Имено, претходно помпезно најавената интернет-алатката на Владата (vlada.mk/otchetnost-troshoci) за отчетност на трошоците на министрите и на другите јавни функционери, која беше направена како начин за докажување на транспарентноста на власта и сите трошења на министрите, не се ажурира целосно, а податоците на сајтот се делумни.

Јавноста може да ги види старите податоци, но не и трошоците на сите министри што ги направиле во последните неколку месеци. На веб-страницата засега стојат последните податоци и трошења од декември минатата година, единствено на три министерства во Владата и тоа на правда, одбрана и култура, но не и на другите. Иако при крајот од минатата година медиумите апелираа дека алатката за отчетност не се ажурира редовно, а податоците на веб-страницата се непотполни, владиниот портпарол Миле Бошњаковски тогаш објасни дека не излегле со нови информации бидејќи периодот бил полн со политички активности, но вети дека алатката редовно ќе се дополнува, а софтверскиот дел ќе претрпи дури и промени. На прашањето дали се ажурираат податоци на алатката на транспарентност и зошто на владиниот сајт се евидентирани единствено последните трошоци на три министерства и неколку функционери, а не на сите за месец декември 2018 година, владиниот портпарол Миле Бошњаковски за „Нова Македонија“ накратко одговори дека редовно се прибираат податоците за трошењата на службениците, а апликацијата се обновува периодично, во зависност од пристигнувањето на податоците од министерствата. Според Бошњаковски, нема проблеми во функционирањето и објавите на трошоците на министрите и другите јавни функционери, а Владата и понатаму ќе се заложува за принципот на т.н. активна транспарентност на институциите.

Некои од експертите не се изненадени од образложението на власта дека станува збор за технички пропуст на алатката за транспарентност. Власта се правда дека досегашниот механизам е целосно транспарентен, но ако сака тоа навистина да биде така, тогаш принципот е многу лесен, коментира професорот Јове Кекеновски. Според него, сѐ се сведува на безобразна манипулација на граѓаните во смисла дека еве нешто Владата работи, а резултатите за транспарентност, корупција и судство потешко пристигнуваат.

– Не слушнавме јавно очетност на ниту еден министер, владин функционер, а уште помалку државен службеник за сработеното, а најмалку за трошоците што тој ги направил во изминатиот период од неговата работа. Сѐ се сведува на манипулација на граѓаните преку вакви популистички методи како овој пример со веб-апликацијата дека Владата е транспарентна, а не видовме ниту една санкција или разрешување од функција, наспроти коруптивните наоди на функционерите, кои секојдневно се во медиумите. Сосема накратко мислам дека Владата ги копира популистичките чекори од претходниците, а тоа копирање може лошо да им се одрази кај довербата на граѓаните на следните избори – оценува Кекеновски.

Професорот Кекеновски додава дека можноста за мониторинг на јавните набавки и сега постои, но Владата успешно менаџира со јавноста па евентуалните скандали, кои секојдневно ни се посочуваат во ревизорските извештаи, успешно се прикриваат.
– Ако се земат предвид и опозициските објави во кои јавноста се изнаслуша еден куп скандали поврзани со корупција, тогаш секој поинаков коментар станува беспредметен – завршува Кекеновски.

Од друга страна, колкави се значењето или неопходноста од засилена јавна контрола на трошењето на државните пари, според упатените, е бесмислено да се дебатира.
Во меѓувреме со најновите одлуки на Владата, ќе мора да се внимава на тоа колку пари се трошат за јадење и пиење. Следејќи го примерот на премиерот и на министерствата, отсега и директорите и замениците на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на министерствата ќе мораат на официјалните веб-страници да ги објавуваат службените трошења. Сепак, ревизорските извештаи од домашни, но и од меѓународни организации во кои се предупредува константно за недомаќинско работење со државни пари досега не наоѓаа плодна почва кај институциите што се занимаваат со оваа проблематика.

Инаку, транспарентноста во Македонија во 2018 година сѐ уште била на ниско ниво. Ова се наведува во едно од последните истражувања на Индексот на активна транспарентност спроведено во рамките на програмата „Цивика мобилитас“, која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето, кое било направено минатата година, содржи рангирање на 97 институции од извршната власт на централно и на локално ниво (министерствата, Владата и општините), според степенот на исполнетост на обврските за проактивно објавување јавни информации (по сопствена иницијатива од институциите). Тогашните резултати говореа дека процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 43,5 отсто (од можни 100 отсто). А степенот на активна транспарентност во 2018 година бил незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5 отсто).