Со презентација на клучните активности, резултати и идни предизвици во борбата против корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата го одбележа 9. Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
На настанот, кој заради препораките за заштита од ковид-19 се одржа во хибридна форма, помеѓу останатото беше споделено дека за неполни две години од работата на актуелниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, донесени се одлуки по вкупно 713 предмети.
Од нив, 374 одлуки од областа на корупцијата, 156 од областа на судир на интереси, 70 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 113 одлуки се однесуваат на проверката на имотот на функционерите.
Во овој период, Комисијата покренала и над 340 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено примила и разгледала и близу 1.700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интерес.
Дополнително, извршена е и антикорупциска проверка на 16 закони, а благодарение на соработката со државните институции и граѓанските организации, донесена е и новата петгодишна стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со план на активности до крајот на 2024 година.
– За Државата комисија за спречување на корупцијата охрабрувачки се резултатите од истражувањата кои покажуваат дека се зголемува позитивната перцепција на граѓаните, особено на укажувачите, и нивната подготвеност да пријават незаконско делување и корупција. Се разбира, ние мора да го искористиме ваквиот тренд и дополнително да ги охрабриме граѓаните да ги пријавуваат сите незаконски и коруптивни активности, нудејќи им ефикасна заштита – истакна претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
За потребата од зголемување на ефикасноста на системот за антикорупција и потребата од натамошна координација и соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, укажа и шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.
– Со зголемени овластувања и проширен мандат, Државната комисија за спречување на корупцијата има централна улога во напорите за борба против корупцијата. За да го направи тоа ефикасно, потребно е да биде поддржана со соодветни буџетски и финансиски ресурси и по нејзините препораки соодветно да се постапува. Во моментов ЕУ обезбедува поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата со цел да се зајакне интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавните институции. Но, напорите за борба против корупцијата не можат да бидат задача само на јавните институции. Меѓународниот ден за борба против корупцијата нè потсетува дека тоа е одговорност за целото општество што бара акција и одлучност од сите нас – рече Гир.