Никола Шалваринов, актуелен директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, на оваа функција стапил во август 2017 година, а неговото претхoдно работно искуство е во секторот на маркетингот. Од неговото искуство, од нецела година, на чело на оваа државна институција, тој смета дека најголема сатисфакција во работата е кога лично е сведок на емоциите и искрената љубов на иселениците спрема родната Македонија, без оглед колку долго не живеат во неа
Кој е главниот предизвик во работата на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија во период кога е нагласен трендот на иселување од земјата?
– Еден од главните проблеми на Агенцијата за иселеништво, барем што јас веднаш ги забележав, е видливоста на агенцијата во јавноста. Понатаму, во текот на работата, се покажа дека тоа не е само мој првичен впечаток, туку и документацијата што ни пристигнува, генерално, е во спротивен правец на нашата дејност. Ние сме Агенција за иселеништво, за дијаспора. Ние функционираме за иселениците што потекнуваат од Македонија, без разлика дали се печалбари, трајно иселени, излезени од земјата за образование… Нашата агенција функционира за сите иселеници од Македонија, но им нуди помош на оние што веќе се иселени. Но често се јавува погрешна перцепција во македонската јавност, дека ние посредуваме при иселување, што веројатно се должи на спротивната брендинг-стратегија на агенцијата. Честопати добиваме прашања, барања, во стилот – помогнете ни да се иселиме. Но сепак, ние, како Агенција за иселеништво не посредуваме за иселување од Македонија, туку настојуваме да им помогнеме на оние што се веќе иселени да не ја изгубат врската со својата родна земја.
Но сега се соочуваме со еден нов феномен на иселеништво, т.н. одлив на мозоци, односно иселување на младите луѓе што се стекнале со високо образование… Политички е декларирано дека тоа е предизвик за Македонија да ги задржи и да ги врати. Каква е улогата на Агенцијата за иселеништво во справувањето со овој феномен?
– Не сум приврзаник на генерализација, но поранешните генерации иселеници што заминуваа од Македонија во поголемиот дел потекнуваа од работничката класа. Сега, во 21 век заминуваат на печалба сѐ повеќе високообразовани профили – лекари, инженери, научници… Токму затоа овој феномен и се нарекува одлив на мозоци, зашто претставува загуба на интелектуалниот капацитет на државата со иселувањето. И тоа е еден од реалните проблеми на Македонија, кој се обидуваме барем да го намалиме. Свесни сме дека не можеме да го запреме целосно, но можеме да дадеме сѐ од себе за да го намалиме влијанието на овој феномен. Во тој контекст, Агенцијата за иселеништво е задолжена за правна помош во сите области што им се потребни на иселениците. Најчестата правна помош што им е потребна е за средување документација – вадење легитимација, продолжување пасоши, вадење изводи од Матичната служба на Македонија… Агенцијата настојува со својата правна помош, во соработка со Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и другите институции на Република Македонија, да им овозможи побрзо да ја добијат потребната документација. Смислата на работата на нашата агенција, односно сите што работиме во неа сме вработени да одговориме на потребите на иселениците што ги имаат во и од Македонија. Не се ограничуваме со дејности, туку помагаме каде што можеме. И официјално, и неофицијално, иселениците можат да ни се обратат за што и да е, за секаква нивна потреба.
Дали наидовте на соработка од иселениците, односно дали поактивно ви се обраќаат за своите барања?
– Комуникацијата е тековна. Сега повеќе се активираме во комуникацијата на социјалните медиуми. Поприсутни и попристапни сме на тие социјални медиуми, кои во денешно време се сепак најбрз начин на комуникација, што претходно беа некако ограничени, па беше забележливо дека контактите на агенцијата со иселеништвото се со одредена повозрасна категорија иселеници. Ги шириме можностите за комуникација и добиваме повеќе барања, прашања од иселениците… Помагаме доколку некој има „заглавен“ процес во бирократијата, односно интервенираме да се ажурира постапката доколку целата документација е во ред…
Воспоставен ли е линкот, т.е. соработката со таа нова иселеничка генерација, која и покрај оддалеченоста од матичната земја, сепак сака (и има технолошки можности) активно да учествува во креирањето на иднината на Македонија?
– Таквиот став на иселениците е за пофалба. Ние посакуваме и ги поттикнуваме иселениците да бидат поактивно присутни во секојдневниот живот во Македонија. Нам ни е потребна нивната помош. Притоа, не зборувам само за финансиската помош. Претходно, некако таа комуникација со татковината, односно придонесот на дијаспората за Македонија, се сведуваше само на очекувања за финансиска поддршка. Денес, нам ни е потребно и нивното знаење. Поголемиот дел од дијаспората живее во држави што се понапредни во однос на мултикултурализмот, на образованието… Постојат многу начини на соработка, со кои можеме да имаме заемна бенефиција, докoлку таквата комуникација се интензивира. Ние можеме да научиме многу од иселениците, а преку поинтензивната комуникација тие можат да имаат пореална претстава за тоа што се случува во Македонија и за животот во неа.
Во овој контекст на предизвици некако се надоврзува и мотивот за организирање настан за претставување на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Кои се целта и програмата на оваа промоција на Агенцијата за иселеништво?
– На 5 јули, со почеток во 11 часот, во холот на Македонската опера и балет треба да се одржи тој, за нас, голем настан, каде што ќе ги претставиме носечките проекти на Агенцијата за иселеништво за 2018 година. Планираме да ја претставиме нашата нова веб-страница, бидејќи претходната веб-страница од 2003 година веќе не беше адекватна за потребите на иселениците. Оваа веб-страница, која претставува и најбрз начин на информирање и комуникација на иселениците со нашата агенција, ќе биде изработена од почеток, според најновите стандарди. Истовремено, подготвуваме и сликовница на македонски јазик, наменета за најмладите иселеници, односно за тие што се родени во иселеништво. Главната цел за изработка на сликовницата е да се привлече интересот на најмладите за совладување на мајчиниот јазик. Тоа е едно креативно решение, со многу визуелни ефекти, а ќе биде и во печатена и во електронска верзија, и бесплатно ќе може да се користи на нашата нова веб-страница. Освен тоа, подготвуваме и прирачник, „Како до документација“, конципиран на прашањата што најчесто ги поставуваат иселениците до агенцијата. И тоа ќе биде достапно на веб-страницата на агенцијата. Ова се пилот-проекти, какви што немало претходно и, ако бидат добро прифатени, ќе продолжиме во насока на изработка на мобилни апликации, анимации за изучување на македонскиот јазик…
Со какви искуства и сознанија за барањата и потребите на иселениците се стекнавте на балканската турнеја, турнејата во Кралството Данска и Шведска, мини-турнејата во Виена, Република Австрија?
– Пред неколку дена се вратив од Виена, Република Австрија, каде што присуствував на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на македонската црковна општина Свети Наум. Општината опстојува со самопридонес на самите членови и со нивно доброволно ангажирање… Ова патување беше како дел од мојот пристап во работата дека мора да се работи на терен. Државата Македонија, Владата на Република Македонија не може да добие реална слика за состојбите во дијаспората без присуство на претставници на Агенцијата за иселеништво меѓу иселениците. Секоја држава, односно потребите на дијаспората во секоја различна држава се различни. Секоја дијаспора се соочува со различни барања или можеби проблеми, базирани на пристапот на државата каде што се иселени кон малцинствата. На пример, нашите иселеници во Хрватска и во Шведска уживаат многу погодности. Тие држави имаат многу позитивна регулатива спрема малцинствата. По сите тие посети меѓу дијаспората, поднесувам извештај до Владата и до Министерството за надворешни работи, каде што се земаат предвид информациите што ги добиваме од иселениците на терен, за владините политики спрема малцинствата на земјите во кои тие живеат. А треба да се обележи и политичкиот момент во Република Македонија во однос на дијаспората, односно постоењето на функцијата министер за дијаспора, која ја извршува министерот без ресор Едмонд Адеми. Тоа на некој начин укажува дека е зголемен интересот на оваа Влада кон дијаспората, а и нам, како Агенција за иселеништво, многу ни значи поддршката што ја добиваме од политички аспект.
Какви се проекциите и плановите за работата на Агенцијата за иселеништво?
– Сите наши планови и проекти зависат, односно ги креираме од потребите на иселениците. На некој начин проекцијата на плановите е флуидна работа. Како што одиме на терен, како што се запознаваме со иселениците и тие ни ги изнесуваат своите потреби и барања, така ги насочуваме нашите активности. Во овој период од десетина месеци на мојата работа во агенцијата имавме голема побарувачка на книги за потребите на образованието во дијаспората. Претходно имавме законска пречка, со која од странство не можеа да се нарачуваат учебници од педагошката служба при Министерството за образование. Односно, не можеше да се нарача печатење книги за образовните потреби на децата во дијаспората. Успеавме да ја промениме таквата законска пречка и се надевам дека од наредната учебна година од дијаспората ќе може да бидат нарачани учебници од педагошката служба на Министерството за образование и наука на Република Македонија. Ќе можат да се користат учебниците од образовниот систем во Македонија сѐ додека не се направи еден учебник, наменет токму за децата во дијаспората. Во изработката на таквиот учебник треба да се земе предвид дека децата од дијаспората го учат македонскиот јазик како втор јазик.
Досега постојат некои приватни учебници во различни земји. Но немаме еден државен учебник од државата Македонија за учениците во дијаспората. Специфично во изработката на еден таков учебник е што имаме многубројна дијаспора во различни земји, каде што првиот јазик што го изучуваат децата е различен. Но за почеток би било добро да се изработи барем еден македонско-англиски учебник.
Како се мери успехот на работата на Агенцијата за иселеништво? Можеби според тоа колку иселеници се вратиле во родната земја.
– Успехот на работата на агенцијата можат да го одредат само иселениците. Сепак, враќањето на иселениците во родната земја е предмет на поголеми политики. Нашата работа е насочена пред сѐ во зачувување на матичната култура, јазик и идентитет меѓу оние што од различни причини одлучиле да живеат надвор од родната Македонија.