Јубилеј: 110 години од смртта на Кузман А. Шапкарев
Кузман Шапкарев (Охрид, 1 февруари 1834 – Софија, 18 март 1909) е значајна личност во историјата на македонското преродбенско движење. Тој е познат учебникар, општественик, публицист и полемичар, кој објавил полемики во печатот и во периодиката. Познат е како автор на повеќе статии (фолклористички материјали, етнографски, историски описи и прилози за црковно-преродбенското дело во Македонија) и голем број дописки во весниците.
Томе Груевски
Во текот на својот живот објавил повеќе книги (неколку македонски учебници, девет книги со фолклорен материјал и други книги и статии со разновиден материјал: Зборникот на народни умотворби во три тома, кој содржи 1.300 народни песни, 280 приказни, биографијата на Миладиновци, етнографски описи на Македонија, описи за разни обичаи, на школската историја на оддели и градови на Македонија, автор е на неколку автобиографии и др.).
Говорејќи за неговата журналистичка дејност ќе истакнеме дека Кузман Шапкарев бил соработник на „Дунавски лебед“, Белград (1860 – 1861) потоа во цариградските весници: „Македонија“ (1866-1872), „Право“ (1869-1877) и во списанието „Читалиште“ (1870-1875), весникот „Марица“, Пловдив (1880), потоа на „С’ветник“, „Б’лгарска пчела“, „Гајда“, „Турција“, „Периодическое списание“, „Б’лгарски глас“, „Зорница“ и во други весници на Кнежевството Бугарија. Објавувал „секогаш, речиси анонимно“, како што самиот истакнува.
Со своите журналистички текстови по нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Ѝ припаѓа на генерацијата на Константин и Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов, Ѓорче Петров и други наши преродбеници и дејци во духовно-политичкото ослободување на својот народ. Тој спаѓа меѓу најдобрите познавачи на македонскиот народ во минатото. Тој е зачетник на македонизмот. Журналистичката дејност зависи од неговата работа на полето на издавањето и ширењето на учебници на македонски јазик. Оставил повеќе учебници, служејќи се со грчките примери, поради што кај бугарските општественици и филозофи предизвикал остра критика и реагирање.
Како што истакнува проф. Блаже Конески, Шапкарев во тој поглед „е централна личност во македонското учебникарско дело“. Таквата дејност на издавање и ширење на учебниците предизвикала полемика во која тој бил принуден да се брани, да одговара, да полемизира. Меѓутоа неговото остро перо не можело да мирува ни во миговите кога тој не водел такви јавни писмени расправи.
По Жинзифов и Јордан Хаџи Константинов, Кузман Шапкарев е трет по ред по бројот на написите што имаат чисто журналистички карактер. Како што истакнува Шапкарев, уште пред 1859 година почнал да објавува дописки во тогашните весници. Посочените весници, како што вели, „ги посетував со своите дописки а особено весниците ’Македонија‘ и ’Право‘ секоја недела донесуваа по една моја дописка, објавена анонимно, под псевдоним или со мој сопствен потпис, според приликите. Списанието ’Читалиште‘ не сум го оставал сосема непосетено, во него имав неколку статии“ (Т. Тодоровски, Записи,1990:262). Меѓу нив има описи на градови, расправи за јазикот, полемики со охриѓани за состојбата во охридските училишта, како и една статија од чисто политиколошки карактер насловена „Разумното отношение между правителствата и народите“.
Најголема журналистичка и документаристичка вредност имаат неговите описи за градот Кукуш и околијата, кои излегле во седум продолженија во весникот „Македонија“ во броевите 48, 51, 55, 61, 63 и 68 од 9 мај до 29 јули 1870 година. Шапкарев во тоа време бил учител во Кукуш и во слободните мигови грижливо собирал материјали за градот Кукуш и неговата околија; истражувал за тоа кога почнал и како се одвивал процесот на културната преродба во овој важен град на Македонија; кога и каде биле изградени цркви, училишта; со што се занимавало населението итн. Тој пренесувал еден поширок опис, но со чисто новинарски средства и начин на кој Шапкарев дал една добро изработена слика за Кукуш и неговата околија во која се застапени и градовите Дојран, Гевгелија и др. Во „Писмо пријателско“ од 30 ноември 1870 година објавено во „Право“ се говори како тој ја спречува употребата на бугарските учебници во Велес.
Во списанието „Читалиште“ К. Шапкарев ја објавил статијата „Учебните заведенија на кукушка и полјанска (всушност, дојранска) епархија“, во три продолженија, од 15 февруари до 10 мај 1871 година, во бр. 10, 13 и 15. Ја наведуваме и статијата „Град Прилеп и околноста му, молебните му и учебните му заведенија“, напечатена во ова списание во две продолженија. И тука Шапкарев дава драгоцени податоци за културниот живот и историјата на овие два града. Кога престојувал во Белград, а особено од Солун, кореспондирал со весникот „Марица“. Од тој весник е и статијата „Преобразованијата во Македонија“, публикувана во „Марица“, год. III, бр. 177, Пловдив, 11 април 1880 г. Дописништвото му било најистакнато занимање, покрај учителското, во текот на цели десетици години, од 1859 па до 1884 година.
Кузман Шапкарев е познат журналист по своите полемички текстови, исто како и Рајко Жинзифов со неговите статии објавувани во весниците во Москва. Ја наведуваме статијата „Јазикословие“, која била објавена во весникот „Македонија“ од Цариград во број 63 од 3 јули 1870 година. Во неа Шапкарев полемизира за „општиот јазик“ и се изјаснува зошто по некои прашања не се согласува. Исто така од овој вид текстови се и оние во кои авторот ја критикува лошата состојба на охридските училишта и одговорите во врска со нападите врз него од страна на тогашните охридски првенци. Од овој вид текстови е интересна и статијата што ја објавил во весникот „Право“ во бр. 25 од 16 август 1871 година. Во неа Шапкарев полемизира за некои лични работи со Христо Узунов, кој во тоа време се наоѓал на должноста учител во Охрид. Во главата XIII од неговите „Записи“, Шапкарев се присетува на неколку статии што биле објавени: „во весникот ’С’ветник‘ од март 1862 година пишував за состојбата на бугарското училиште во Охрид и за неговото гонење од грчкиот владика Мелетија, под наслов: Надгробно слово за бугарското Кошишко училиште во Охрид; една дописка од Солун во весникот ’Турција‘ (март 1871), која речиси ме избави од затворот и од синџирите што ми висеа над главата.
Во весникот ’Марица‘ во текот на јануари или февруари 1882 пишував за состојбата на Македонија во тоа време, под наслов: ’Новото Воскополе‘, еден подлисник и други во истиот весник. Сите мои статии од 1884 година (од Цариград) беа полемички против грчките весници, особено против весникот ’Неологос‘ (’Нов збор‘), а во заштита на нашите црковни работи“. Ваквата негова активност била забележана и од Ватрослав Јагиќ и од г. Ламански.
Во весникот „Македонија“ во бр. 14 од 6 април 1871 година Шапкарев објавува статија, која по многу нешта е различна од другите негови статии. Насловена е „Разумното отношение на правителствата и народите“. Суштината ѝ е дека владите на секоја држава со својата политика треба да се раководат од интересите на своите народи. Ваквата мисла кај авторот се родила под влијание на настаните во Европа каде што се водела борба за овој основен принцип на демократијата.
Голем број дописки се однесуваат на состојбата во училиштата и црквите. Од оваа област се сретнуваат дописки во врска со изградбата на училишта или цркви, основањето и работата на црковно-училишните општини, успехот на ученици и испитите на крајот на годината со соодветни свечености, прославата на основачите на словенската писменост – свети Кирил и Методиј и сл. Посебна област одразена во дописките претставува читалишното дело: основањето читалишта и нивната работа, основањето на други друштва и сл.
Една од областите за која почесто е пишувано претставува онаа во која се изнесуваат проблемите на стопанството, даноците, посебно состојбата на некои поважни гранки, како што се лозарството, тутунарството и др. Во врска со ова во дописките се изнесуваат тешкотиите што произлегуваат од големите намети, ангарии, разбојништва, кои го осиромашувале населението. Дописките во весниците од периодот на преродбата на Македонија претставуваат хроника на едно време и услови кога нашиот народ стапувал на историската сцена. Во овој поглед тие претставуваат драгоцен материјал за обработка на разни аспекти на нашата историја.
До 1885 година Македонците немале свои весници. Сепак, тие читале бугарски, српски, грчки, француски, англиски весници. Во некои од нив се појавуваат и дописки и други новинарски форми и од Македонија. Значи, се појавуваат услови за појава на нов вид културна дејност – новинарството. Проучувањето на целото ова богатство неминовно водеше кон заклучок дека сите преродбеници, покрај своите редовни секојдневни должности (свештеници, учители и др.), се занимавале и со новинарство. Една подлабока анализа, пак, би ни покажала дека сето она што тие го пишувале во весниците било истакнување на: индивидуалните специфичности на својот народ (јазик, фолклор, етнографија, географија и сл.). Во овој фонд од разни новинарски написи од овој период влегуваат и оние дописки на стотиците други дописници од Македонија со што се дополнува сликата за почетоците на нашето новинарство. Значи, на општото движење на културното будење на македонскиот народ, се развива и надоврзува и новинарството не само како негов дел, туку и како фактор што понатаму ќе го поттикнува и квалитетно ќе го менува карактерот на тоа движење – од културно во политичко.