Неофицијалните статистики велат дека дневно во обложувачниците се уплатуваат по половина милион евра, од што произлегува дека секој жител на оваа земја дневно троши меѓу 15 и 20 денари во потрага по среќа… Дали изминатите години на транзиција, катастрофално лоша приватизација и дистрибуција на општествените богатства, корупција, низок стандард и невработеност, како и несоздавањето повисок национален производ, ги доведоа македонските граѓани во состојба да размислуваат за среќата зачекорувајќи по најнесигурниот пат? Или, пак, можеби и индивидуалниот и колективен наш менталитет е поблизок до (не)трудољубивоста, (не)работењето (не)работната дисциплина и мрзливоста, отколку до сериозната работа, ефикасноста на работењето и продуктивноста? Или, пак, можеби вирусот на обложувачката болест толку нѐ заразил што ни ја помрачува и свеста за односот кон работата и создавањето за нас, за идните генерации и за нашата држава?
Една стара поговорка вели „само неработници сонуваат за среќата“. И покрај оваа изрека, сепак денес многумина граѓани излезот почнаа да го бараат во игрите на среќа. Многумина од граѓаните, за жал, единствениот излез почнаа да го бараат во игрите на среќа. Во тикетот, грепката или во потрагата по добитната лото-комбинација со фамозните среќни броеви го гледаат излезот за да си ја подобрат состојбата, и не само личната финансиска. Ваквиот феномен на хазардни игри, кој длабоко се вгнезди и кај нас, а се заканува да избие во прв план на долгата листа на асоцијални општествени појави, е предмет на сериозен граѓански интерес и полемики во јавноста. Сѐ погласно се поставуваат низа прашања. Имено, дали изминатите години на транзиција, катастрофално лоша приватизација и дистрибуција на општествените богатства, корупција, низок стандард и невработеност, како и несоздавањето повисок национален производ ги доведоа македонските граѓани во состојба да размислуваат за среќата зачекорувајќи по најнесигурниот пат? Или, пак, можеби и индивидуалниот и колективен наш менталитет е поблизок до (не)трудољубивоста, (не)работењето (не)работната дисциплина и мрзливоста, отколку до сериозната работа, ефикасноста на работењето и продуктивноста? Или, пак, можеби вирусот на обложувачката болест толку нѐ заразил што ни ја помрачува и свеста за односот кон работата и создавањето за нас, за идните генерации и за нашата држава? Или, пак, сево ова претходно кажано, земено на купче?
Од повеќе од стотината анкетирани и соговорници, како по матрица го добивме истиот одговор.
– Играм за забава, не сум зависник. Одењето во обложувачница ми е еден мал ритуал, таму се дружам со луѓето, гледам натпревари, уплаќам по 20 денари, а тоа може да ми донесе многу пари. Еднаш за 20 денари заработив 24.000 денари, за тие пари работам два месеца – вели Ѕвонко Ј., вработен во приватна фирма за килими. Според него, нема ништо лошо кога луѓето се обложуваат за мали пари.
Министерството за финансии има издадено 23 лиценци за автомат-клубовите, пет за казината, а девет за обложувачниците, но кога ќе се земе предвид дека тие отвораат салони секаде низ државата, бројката на објекти за игра на среќа надминува неколку илјади. Според податоците на Управата за јавни приходи, во текот на 2017 година граѓаните уплатиле тикети во вредност од 12,2 милијарди денари, речиси 200 милиони евра, на што УЈП наплатила данок од 38 милиони евра. Од друга страна, на име добивки биле исплатени 156 милиони евра, со што математиката вели дека обложувачниците заработиле пристојни 44 милиони евра. Неофицијалните статистики велат дека дневно во обложувачниците се уплатуваат по половина милион евра, од што произлегува дека секој жител на оваа земја дневно троши меѓу 15 и 20 денари во потрага по среќа. Казина и обложувачници се отвораат буквално насекаде, на секое ќоше, па дури и пред училиштата.
– Ги затворија библиотеките, на нивно место отвораат казина и обложувачници. На 50 метри од училиштето каде што учи моето дете има обложувачница. Секој ден поминува оттаму и ги гледа обложувачите како седат и пополнуваат тикети. Во неколку наврати ме праша колку пари се заработуваат таму и зошто тој мора да учи и да оди на училиште, кога може полесно да се дојде до пари. Уште повеќе се плашам затоа што обложувачниците сѐ почесто се цел на вооружени разбојници, па не би сакал таков инцидент да се случи во близината каде што има деца – вели Александар Б., родител.
Според социолозите, станува збор за исклучително опасна појава во општеството, која државата воопшто не ја третира со оглед на приходите што ги остварува по основа на наплатен данок и наплатени лиценци.
– Овој феномен може да се посматра психолошки. Кога ќе го ставиш човек во полутрауматична или трауматична состојба, во каква што е нашето општество, единствениот излез поединецот го гледа во обложувањето или игрите на среќа – вели Илија Ацевски, социолог.
Тој додава дека поединецот што е во криза живее во надеж дека ако игра на среќа, ќе добие нешто.
– Второто ниво е кога државата буквално те тера да играш, бидејќи тоа за неа се претвора во бизнис-гранка, годишно се вртат по 200 до 300 милиони евра, а државата по основа на даноци собира и по 20 до 30 милиони евра. Тоа не се мали пари – истакна Ацевски.
Според него, отворањето обложувачници и казина во близината на училиштата е за вршење благо, но опасно патолошко навлекување на децата.
– Се создава една атмосфера на игра, но таа игра не те ослободува психолошки, туку ти го преокупира времето. Станува збор за суптилен начин за привлекување на децата од мали нозе – вели социологот Ацевски, појаснувајќи дека зависноста од обложување е полоша и од зависностите од дроги. Тој додава дека државата треба да ја одигра клучната улога и да воведе ред во оваа област, не да ги затвори казината и обложувачниците, туку да ги дислоцира на периферните делови на градот, подалеку од децата.
Слична иницијатива поведоа граѓаните на Тетово, кои кон крајот на минатата година се собраа на протест против големиот број казина и обложувачници во градот. Тие побараа од локалната власт да ги премести ваквите објекти надвор од градската средина. Ништо подобра не е ситуацијата ниту во нашето опкружување. Се чини дека најрадикален чекор презеде Албанија, каде што од почетокот на оваа година стапи во сила Законот за забрана на коцкањето, со што беа затворени 4.300 обложувачници.
Обложувањето и коцкањето беа огромен проблем во Албанија – според статистиката, во земјата од 2,8 милиони жители има еден коцкар на 670 жители, а според државната министерка за односи со парламентот, Елиса Спиропали, државата со затворањето на обложувачниците им заштедила на граѓаните околу 50 милиони американски долари.
Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони долари во казина, обложувачници и лотарии, односно по 46 евра годишно по жител. Спортските обложувачници во Федерацијата Босна и Херцеговина, според тамошните медиуми, станале најпрофитабилните компании во земјата и дури и во таква ситуација, се жалат дека државата им зема голем данок. Во Србија постојат нешто над 2.000 регистрирани обложувачници, каде што последните истражувања покажуваат дека најчесто се уплатуваат тикети во вредност од 20 до 180 српски динари (од 10 до 100 денари).
Причините со обложувачката треска се секаде исти, човекот бара излез, меѓутоа државата, нејзините институции се оние што создаваат амбиент за подобра социјално-економска состојба на своите граѓани и за индивидуален и колективен просперитет, а игрите на среќа се само разонода и забава, а никако начин на работа и заработка.