Првата обука на избраните 30 воспитувачи за јакнење на компетенциите на кадарот во градинките започна денеска, како дел од заедничката соработка со УНИЦЕФ.
-Со ова и во 2019 година продолжуваме да работиме на унапредување на квалитетот на сервисите и зајакнување на професионалните компетенции на вработените во установите за деца. Во рамките на овие активности оваа година ќе се организираат низа работилници за унапредување на социо-емоционалните компетенции на воспитувачите/чките за поттикнување на социо-емоционалниот развој кај малите деца. Сè поголем број научни истражувања истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за развојот на целокупната мозочна архитектура и има огромно влијание во текот на целиот живот, се вели во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика.
Обуката ја спроведува проф. д-р Ребека Гренџер-Елис, постдокторска истражувачка и соработничка на универзитетите „Џон Хопкинс” и „Њу Ореланс” во САД. Гренџер-Елис е експертка за социо-емоционален развој и има над 12 години искуство во развој на програми базирани на истражување, специјализирани за деца во предучилишно и основно образование, вклучувајќи и надарени и деца со потешкотии.
Учесниците коишто ќе ја поминат обуката имаат обврска стекнатите вештини и знаења да ги пренесат на своите колеги и да дадат континуирана поддршка на вработените во установите за деца во рамките на Програмата за колегијална поддршка што ќе се спроведува во 2019 и 2020 година.