Институтот за комуникациски студии (ИКС) со онлајн прес-конференција ја започна кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ќе трае во текот на 2021 година, а ќе се фокусира на два животни проблема во животната средина: „Како да ја користиме и заштитиме водата“ и „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси“.
Кампањата „Разбистри сѐ“ ќе се реализира како дел од проектот на Институтот за комуникациски студии „Поврзи ги точките“, и е финансирана од британската амбасада во РМакедонија. На прес-конференцијата, обраќање имаше британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј.
– Мораме да бидеме дел од овој голем предизвик, за да ја заштитиме животната средина. Македонија е благословена што има природни убавини. Од анкетите знаеме дека довербата на граѓаните во нивната влада е мала, а за повторно да ја воспостави довербата, владата мора да се посвети на прашања кои најмногу ги засегаат граѓаните. Затоа, граѓанските и невладините организации и иницијативи, како и факултетите, општините, медиумите и сите други чинители мора да бидат партнери во креирањето политики и нивната имплементација. „Разбистри сѐ“ е интересна кампања од повеќе причини. Прво, таа е практична, затоа што се фокусира на управување со ресурси и второ, е релевантна, бидејќи ние ги гледаме предизвиците со кои се соочуваат луѓето кои се свесни за штетата што се прави во земјата. Кампањата се сведува на управување и инспекции, како и проток на јавни информации. Успешноста на кампањата ќе ја подигне свесноста на граѓаните, ќе го зголеми влијанието врз јавните политики и ќе овозможи поголем дијалог кај релевантните институции. Заеднички, можеме да направиме промена – изјави амбасадорката Галовеј.
На прес-конференцијата беше промовирана Алијансата за застапување и лобирање, која ја сочинуваат граѓански организации, факултети и медиуми, а со чија поддршка и заеднички активности ќе се реализира кампањата, при што се обратија и авторите на документите за јавна политика – проф. д-р Билјана Пулевска Јанушевска и м-р Кристина Најдовска Илиевски.
– Нашиот проект „Поврзи ги точките“, всушност бара и изнаоѓа начин како граѓаните да учествуваат во креирањето на политиките, но и како институциите да бидат потранспарентни. Преку таа симбиоза веруваме дека може да се постигне еден добар и квалитетен однос и начин преку кој сите ќе можеме да живееме поквалитетно.
„Разбистри сѐ“ на еден начин е продолжување на претходната кампања, „Не игнорирај, реагирај“, која ја сметаме за една од подобрите кампањи што беа реализирани изминатиот период. Сметаме дека ваков тип на алијанса може да направи промена и дека тоа е единствениот начин да ги заштитиме природните богатства и да помогнеме институциите да бидат посилни, кога позади нив стојат граѓаните и ги поддржуваат во борбата против криминалот и работите кои не дозволуваат да живееме квалитетно – изјави директорката на ИКС, д-р Жанета Трајкоска.
Во кампањата се приклучија голем број на организации кои делуваат во различен број општествени сфери, а ја поддржаа голем број медиуми меѓу кои и „Нова Македонија“, радија, весници и онлајн портали.
– Благодарност до сите организации кои досега се приклучија на кампањата, но сакаме да потенцираме дека алијансата е отворена и понатаму, и кон неа можат да се приклучат и други организации кои што сакаат да придонесат против загадувањето и уништувањето на природните ресурси во Македонија – истакна Дејан Андонов, програмскиот координатор во ИКС кој ја водеше конференцијата.
„Разбистри сé“ има за цел да се подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми и да се зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од британската амбасада во Скопје. В.Т.