Фото: Маја Јаневска- Илиева

Животниот пат на маестро Зоран Џорлев, познат македонски виолинист, музички педагог, м-р по фолклористика и промотор и поддржувач на македонската музика, ненадејно беше прекинат вчеравечер, на 1 јануари. По кратко боледување им подлегна на последиците од вирусот ковид-19.

Една блескава кариера е прекината, засекогаш замолкна виолината на Зоран Џорлев, со која другаруваше од својата десетта година, одејќи по стапките на својот татко, познатиот македонски музичар Наско Џорлев.

 

Роден е на 10 јануари 1967 година во Струмица. Во 1989 дипломира виолина на Факултетот за музичка уметност и оттогаш почнува неговото искчаување по скалилата на успехот. Членува во многу оркестри и музички состави, а меѓу првите во земјава класичната музика ја доближува до обичните луѓе, но исто така пасионирано ја популаризираше македонската народна и забавна музика. До 2011 работи како професор по виолина, а подоцна и како директор во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, а во јануари 2011 е назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останува до август 2017 година, по што повторно и се посветува на музичката педагогија и негувањето млади таленти.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

На 13 декември 2017 година го одржува својот голем солистички концерт, во салата на МОБ во Скопје, со кој одбележува 40-годишна успешна кариера, со многу гости и со учество на целото семејство Џорлеви, кое континуирано беше негво извор на енергија и на љубов.

За Зоран Џорлев ден без музика и постојана професионална надградба не можеше да се замисли. Постојано се трудеше да даде се од себе на сите полиња, како сопруг на саканата Офелија, татко на Наско и Мартин, брат на Софче, вујко на Огнен и Олгица.

Неговите синови исто така ја избраа музиката за своја животна опрделба, Наско е гитарист, а Мартин се определи за хармониката. Музиката како професија ја избраа и неговите внуци, Огнен, студира соло пеење и се посигурно чекори во естрадните води, а неговата сестра Олгица е виолинситка.

Џорлев даваше се од себе и како професор, како прв човек на „Танец“ со чии членови одбележа 65-годишно постоење на националниот ансамбл. Беше познат и по своите радио и телевизиски емисии во кои ја афирмираше македонската народна музика: „Зајди зајди“, „Зора зори“ и „По патот на песната“, низ кои продефилирале речиси сите негови колеги-музичари, а како инструменатлист насекаде низ светот, со својата виолина и неговиот заштитен знак- благата насмевка, ја претставуваше гордо својата Македонија. Има издадено неколку цедиња, со свои инструментални верзии на познати македонски народни и забавни песни, но и светски евергрини, филмска и џез музика. За својата работа добитник е на бројни награди.

Како професор се гордееше со успесите на своите ученици и велеше дека е „најблагордно чувство да се работи со млади таленти“. Како колега беше особено ценет и почитуван. Соработувал со многумина, меѓу кои и со Тоше Проески, Сузана Спасовска, Бајса Арифовска, Александар Митевски… и многу други македонски, но и странски музичари и естрадни уметници. Беше и член на жирито на театарскиот фестивал за лица со посебни потреби „Игри без маска-театар без дискримианција“.

Секогаш размислуваше за нови проекти, со максимална подршка на семејството. Зборуваше дека за него духовните вредности секогаш се поважни од материјалните.

За својата професија Џорлев жртвуваше многу време, пот и солзи, но сепак, велеше дека не може да замисли да работи било што друго во животот.

– За мене она што е најважното, можеби единствено важно е професијата да го исполнува човека, да биде начин на неговото живеење – велеше Џорлев.

Музиката што тој ни ја остави, засекогаш ќе не потсетува на жарот со кој тој го живееше животот.