ИСТРАЖУВАЊЕ: ИМА ЛИ СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ СТРУЧНА ЛИТЕРАТУРА (2)
Во македонското средно стручно образование речиси две децении нема учебници по мноштво стручни предмети. И тоа учебници нема не затоа што се потрошиле или некој не ги вратил, туку бидејќи воопшто и не се напишани. Какво знаење ќе стекнат овие деца кога немаат книги од кои ќе учат. Во меѓувреме сите досегашни анализи покажуваат дека на македонското стопанство и економија им требаат токму добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои потоа брзо ќе можат да се вклопат во производствените и технолошките процеси. Но можно ли е тоа без книги, како првичен и основен алат во нивната наобразба и насочување по завршувањето на основното образование. Истражувањето на „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе понуди одговори на сите овие прашања
Веќе сме во процедура, почнуваме да работиме на промена на законот. Измените ќе се однесуваат на тоа Министерството за образование и наука да не ја игра повеќе улогата на издавач, да не ги има авторските права. Мислам дека на тој начин ќе почнат да се решаваат многу работи. Идејата е да им се вратат авторските права на издавачките куќи, велат од Педагошката служба при Министерството за образование и наука
За некои работи да бидат остварливи и за да почнат да се пишуваат учебници по стручните предмети, треба да се започне од промената на Законот за учебници, вели Вања Велева, директорка на Педагошката служба при Министерството за образование и наука. Таа најави дека се работи на тоа авторските права да им се вратат на издавачките куќи како што беше во минатото, пред да постои Законот за учебници, со кој, пак, правата ги презеде Министерството за образование.
– Веќе сме во процедура, почнуваме да работиме на промена на законот. Измените ќе се однесуваат на тоа Министерството за образование и наука да не ја игра повеќе улогата на издавач, да не ги има авторските права. Мислам дека на тој начин ќе почнат да се решаваат многу работи. Идејата е да им се вратат авторските права на издавачките куќи, како што беше во минатото. Нивна ќе биде обврската да избираат автори што ќе изработуваат учебници во согласност со наставниот план и програма. Издавачките куќи ќе конкурираат, тие ќе плаќаат лектори, уредници, авторски хонорари. Тогаш целата одговорност ќе ја имаат тие. Ние ќе бидеме одобрувачи, секој учебник ќе помине низ филтри – вели Велева.
Таа додава дека Педагошката служба не е таков профил на институција што ги игнорира проблемите што се на терен.
– Секое мислење и сугестија се добредојдени, се бараат решенија. Имаме контакти и со други држави, собираме искуства за да ги амортизираме проблемите со кои се соочуваме. Ако им ги вратиме правата на издавачите, постапката за избор на учебник значително ќе се упрости. Ќе избегнуваме во иднина јавни набавки, кои сега нѐ кочат и оневозможуваат навремено дистрибуирање на учебниците – смета директорката.
Во меѓувреме, додека Педагошката служба најавува измени на Законот за учебници со кои се планира да им се вратат авторските права на издавачките куќи, стапивме во контакт со некои од издавачите. Тие не сакаат официјално да зборуваат за ова решение, но неофицијално кажуваат дека и тие би требало да бидат вклучени во процесот на менување на законот, за да се најде најдобро решение.
– Ако тоа го решат на начинот сите учебници и од основното и од средното образование да одат преку издавачките куќи, тогаш би ги покриле трошоците и би ни било исплатливо. Но, ако на пример, треба една издавачка куќа да работи само учебници за средно стручно, тогаш нема да се исплати, тие учебници се нискотиражни и во таков случај не би ги работеле. Важно е во тој процес на менување на законот да бидеме вклучени и ние, за да се најде најсоодветно решение – вели сопственик на една издавачка куќа.
Заменик-министерот за образование Петар Атанасов неодамна изјави дека се работи во насока на тоа Министерството да ги мотивира повеќе професорите-автори на учебници.
– Каде што има мали тиражи и мала популација ученици, како што е тоа во средното стручно образование, нема мотивација кај добрите експерти и професори да изработат учебник. Затоа планот е да ги мотивираме повеќе. Исто така, овде е и дуалното образование, преку кое се воведува практична работа за учениците. Учениците мора да се обучуваат за конкретни професии и треба да се намали јазот меѓу теоретското образование и работното место. Тоа е заложба на МОН, тој јаз да биде што помал. Така ќе има подобра понуда на пазарот – смета Атанасов. А.П.-А.Д.
И ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ СО ИСТА МАКА
Во Србија нема учебници за 900 предмети
Проблемот со немање учебници во стручните училишта ги мачи и соседните земји. Во Србија, дури за 900 предмети во гимназиското и стручното образование немаат учебници. Средношколците одат на училиште само со тетратка, затоа што ниеден издавач не сака да печати учебници за 900 предмети. Не им се исплати затоа што се нискотиражни. Затоа, мноштвото наслови во наставата во гимназиите и стручните училишта за средношколците датираат од осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век.
Учениците во Босна и Херцеговина исто така имаат проблем со недостиг од стручни учебници. Тие фотокопираат литература за стручните предмети затоа што стручни учебници нема по многу предмети. На пример, во градежните училишта професорите се снаоѓаат како знаат и за предметите за новите занимања што се воведени во последните години. Во оваа држава, издавачките куќи изработуваат учебници според наставниот план од државата, кои потоа ги продаваат во книжарниците.
Во Црна Гора издавачките куќи ги печатат учебниците, кои потоа им ги продаваат на родителите. Комплет учебници за една година стручно образование се околу 100 евра.
Проблем со недостиг од учебници во техничките училишта секоја година има и во Хрватска. Недостигот ја отежнува работата на професорите. Еден хрватски професор по техничко цртање, машински елементи и нацртна геометрија вели дека литературата за предметите што ги предава е стара 30 години, затоа што теоријата не се менува. Но проблемот настанува кога треба техничкото цртање да се практикува на компјутер.