Законот за употреба на јазиците се уште не е пристигнат во „Службен весник“, изјави денеска директорот на ЈП „Службен весник“ Мартин Костовски.
– Се уште не е пристигнат законот во просториите на „Службен весник“. „Службен весник“ како одговорна институција ќе постапи согласно Уставот и законите што се однесуваат на објавување на сите прописи- рече Костовски на новинарско прашање по промоцијата на специјалното издание на Уставот на РМ изработен со Брајова азбука.
Запрашан да појасни какви се тие процедури, Костовски посочи дека засега не сака да шпекулира.
– Кога ќе стигне законот во „Службен весник“ ќе бидете благовремено известени. Како главен и одговорен уредник, воедно и како директор на „Службен весник“ ќе постапам во согласност со Уставот и законите- рече Костовски на новинарско прашање дали ќе биде објавен во „Службен весник“ законот без потпис на претседателот на државата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела најави дека има намера да го испрати Законот за употреба на јазиците за објавување до Службен весник, но не прецизира кога тоа ќе се случи.