Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одржа работна средба со Симона Граната Менгини, секретарката на Венецијанската комисија, на која се разговараше за процесот на подготовка на законското решение за родова еднаквост и опсежните консултации што Министерството ги води со сите засегнати страни и институции.
Министерката Шахпаска информираше дека веќе е изготвена драфт верзија на Законот за родова еднаквост и дека до крајот на месецот се очекува и стручни лица од ЕУ да дадат мислење за првичната верзија.
„Ова законско решение го подготвуваме низ процес на широки консултации како со невладиниот сектор и експерти за човекови права, така и со сите институции кои ќе добијат одредени обврски и надлежности. Работната верзија на Законот веќе е презентиран и пред дел од пратениците и пратеничките во Собранието на Северна Македонија. Само на тој начин, преку широка дебата ќе добиеме добро решение кое ќе даде резултати“, информираше министерката Шахпаска и додаде дека на сличен начин преку широки консултации со опозицијата и со невладиниот сектор успеа со консензус да бидат усвоени законите за спречување дискриминација и насилство врз жените и семејно насилство.
Таа нагласи дека со новиот закон за родова еднаквост, кој се очекува да биде финализиран и пуштен во процедура кон крајот на оваа или на почетокот на идната година, се обезбедуваат три нови механизми кои ќе обезбедат зајакнат надзор на спроведувањето на политиките на родова еднаквост и на централно и на локално ниво, но и воведување на принципот на задолжително родово одговорно буџетирање за сите институции.
Секретарката на Венецијанската комисија, Граната Менгини, го поздрави процесот на подготовка на Законот за родова еднаквост и нагласи дека широките консултации се многу важни за креиање на добри законски решенија. Таа изрази задоволство што Венецијанската комисија е консултирана уште во рана фаза на неговата подготовка.
Истовремено министерката Шахпаска информираше дека со новиот системски закон за работни односи, кој е во завршна фаза, во рамките на породилното отсуство, се предвидува отсуство и за таткото, што е уште еден значаен чекор во градењето на рамноправност меѓу мажите и жените.
Граната Менгини го поздрави овој предлог и оцени дека на тој начин на жените им се дава можност да создаваат семејство, без притоа да трпи нивниот кариерен развој.
Министерката за труд и социјална политика Шахпаска учествуваше на тридневната 8ма Меѓународна конференција за жените Ромки и патувачи во организација на Совет на Европа во Стразбур, Франција, на која се разговараше и за правата на Ромките, но и влијанието на пандемијата Ковид-19 врз нив.