Македонски активист од Мелбурн реагира гласно на португалската навреда
Македонскиот активист од Мелбурн, Ристо Попов, на својот Фејсбук профил побара извинување до Македонците од страна на државната секретарка на Португалија, Ана Паула Закаријаш, која пред неколку дена изјави дека македонскиот јазик во минатото бил дел од бугарскиот јазик.
– Сакам да изразам протест за навредливите, неисториски и антимакедонски коментари до државната секретарка Закаријаш, кои го опиша македонскиот јазик дека бил дел од бугарскиот јазик во минатото.
Овие коментари не само што се историски неточни, туку и јазично. Стариот црковнословенски јазик и глаголицата, на која е заснована кирилицата, се развиени во Македонија во 9-тиот век, кога Македонија била дел од Византиската империја.
Црковнословенскиот јазик е заснован на дијалектите на Македонците кои тогаш го населувале Солун, а подоцна влијаел и врз развојот на другите словенски јазици, вклучително бугарскиот, рускиот, српскиот, украинскиот итн. Во тој поглед, може да се каже дека бугарскиот јазик е произлезен од македонскиот, наместо обратно. Македонскиот јазик е универзално признаен како свој посебен јазик ширум светот, освен од страна на Грција и Бугарија, кои заземаат големи делови од етничката македонска територија. Оттука доаѓа и кампањата за бришење на Македонија и идентитетот на Македонците во рамките на нивните граници.
Јас сум сигурен дека Вие би се навредиле од зборовите на владата на која било земја доколку таа рече дека португалскиот јазик е „само западен шпански дијалект“, или дека тој бил дел од шпанскиот јазик во минатото, како што тоа го правеше диктаторот Франциско Франко. Тоа би ги повредило Вашето достоинство и гордост како посебен народ, исто како што вашите неумерени коментари го повредија македонскиот народ.
Македонците никогаш нема да се откажат од своето име, јазик, историја, своите идентитет и култура, за да ги смират шовинистите во Софија и Атина, без разлика колку отстапки се направени од нелегалниот режим на Зоран Заев. Затоа, Португалија и Европската Унија треба да престанат да го поддржуваат грчкото и бугарското малтретирање на Македонија и Македонците во обид да покажат некаква несоодветна солидарност и треба да ги поддржат неотуѓивите права на македонскиот народ за самоопределување и самоидентификување, исто како што не би барале од вашите луѓе да се откажат од правата во потрага по илузорни политички и економски придобивки.
Според тоа, Закаријаш треба да ги повлече своите непромислени коментари и да им се извини на Македонците ширум светот – стои во пораката која Попов ја упати до португалската министерка.