Премиерот Зоран Заев прими делегација на Сојузот на борците, предводена од претседателот на главниот одбор на сојузот, Никола Стојаноски, придружуван од потпретседателот на главниот одбор, Борко Зафировски.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата на која присуствувале и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, Заев истакнал дека Владата останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народноослободителната војна.
Во таа насока Владата ќе ги поддржи сите активности на Сојузот на борците коj идната година со серија свечености ќе го одбележи големиот јубилеј – 80 години од народното востание.
На средбата било истакнато и дека Сојузот на борци го поздравува патот за членство на нашата земја во ЕУ, успесите во зачувувањето на идентитетот, како и членството во НАТО, како борба на модерното време и на оваа генерација, бидејќи се остварување на стратешки цели зацртани во визијата и вредностите на основоположниците на Сојузот на борците.