Премиерот Зоран Заев ja прифати поканата да биде покровител на прославата по повод 80 годишнината од антифашистичкото востание и народноослободителната војна кои започнаа на 11 октомври 1941 година.

Тој ова го соопшти на средбата со Никола Стојаноски, претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОВ и Борко Зафировски, потпретседател на Главниот одбор.

Како што информираат од кабинетот на премиерот, претставниците на Сојузот на борците на средбата ја потенцирале симболиката на јубилеите со кои оваа година се одбележуваат значајни настани од поновата историја, како што се 30 години независност, првата годишнина од членството во НАТО, како и 80 годишнината од антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

Заев истакнал дека поканата ја прифатил, пред се, во чест на борците од НОВ.

– Тие со својот самопрегор се вградија како државотворци во создавањето и впишувањето на македонската држава во мапата на народите на светот – посочил премиерот.